• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Омбудсманот како заштитник на правата и слободите на граѓаните може да придонесе во реформите на безбедносните служби

Пендаровски: Омбудсманот како заштитник на правата и слободите на граѓаните може да придонесе во реформите на безбедносните служби

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Како кандидат за членство во Европската Унија имаме одговорност работата на безбедносните служби да биде во согласност со Уставот и законите и под контрола на демократските политички институции, но и на независните институции за надзор, како и на цивилното општество, со цел безбедносните служби да ја извршуваат својата функција почитувајќи го начелото на владеење на правото и штитејќи ги правата и слободите на граѓаните, истакна во своето обраќање, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на меѓународната конференција „Надзорната улога на Народниот правобранител над разузнавачките и безбедносните структури“.

Тој посочи дека како држава која во изминативе три децении имаше неколку исклучително негативни искуства во кои беа инволвирани безбедносните служби, а со кои масовно се кршеа човековите права и слободи, пред сè, правото на приватност, имаме огромна одговорност пред нашите граѓани да создадеме стабилни механизми за надзор и контрола,  со цел  никогаш да не се повтори флагрантната злоупотреба на службите за лични и партиски интереси на што сведочевме не толку одамна.

Претседателот Пендаровски истакна дека безбедносните служби не биле проследени со добри реформи, како што рече, од периодот на стекнување на независноста и транзицијата во плурална демократија.

-Долги години по независноста безбедносните служби беа премолчено третирани како инструмент за контрола на политичките противници, наместо како државни институции задолжени за националната безбеност. Старата мантра од времето на социјализмот дека службите се „меч во рацете на партијата“ продолжи во изменета форма да функционира и во повеќепартискиот систем, при што, при промената на власта, преземање на контролата врз службите беше врвен политички приоритет. Дури и еден дел од самите припадници на службите не пружаа отпор кон оваа антидемократска практика, туку во обид да ги задржат своите позиции, кариера и привилегии и самите често се ставаа во служба на актуелната владејачка структура, рече Пендаровски.

Тој забележа дека токму ова е причината зошто во различни временски периоди се случуваа исти или слични скандали и зошто долго време организационата структура, а особено, оперативната практика на службите, не претрпе позначајни промени.

Шефот на државава истакна дека во последните неколку години се случија реформи кои, како што вели барем на законодавно ниво донесоа позитивни промени во организацијата и работата на службите.

-Преку посебен закон поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање беше трансформирана во Агенција за национална безбедност и организационо и функционално се оддели од Министерството за внатрешни работи. Следењето на комуникациите премина од поранешната УБК при МВР во Оперативно техничката агенција која е самостојна државна институција со задача да овозможи техничка поврзаност меѓу оператерите и државните институции врз основа на законски пропишана постапка, вели Пендаровски.

Претседателот додаде дека и  после повеќе од 25 години беше донесен нов Закон за Агенцијата за разузнавање кој беше основа за темелна реформа на оваа служба, а во насока на ефикасно остварување на нејзината улога во време на исклучително сложени регионални и глобални геополитички предизвици.

Но, според него, иако има напредок, сепак не може да се каже дека се заоукружени реформите на безбедносниот систем и тоа во делот на надзорот и контролата врз работа на службите.

-Иако тоа беа клучните сегменти во препораките кои ги добивме од извештајот на групата на експерти предводени од Рајнхард Прибе, имено, да се оневозможи повторување на масовното прислушување и кршење на приватноста на граѓаните кое со години се спроведуваше од страна на дел од припадниците на службите, а по барање на тогашната власт. Во овој сегмент, особена важна улога има Народниот правобранител. Иако оваа институција има сразмерно помали извршни овластувања во споредба со Обвинителството или со парламентарната Комисија за надзор, сепак, таа е најблиску до суштината на она што се нарекува - граѓанска контрола над власта, вклучително и врз еден од нејзините најсензитивни делови - безбедносните служби, рече во обраќањето Пендаровски.

Тој посочи дека институцијата Народен правобранител има овластување да бара одговори од институциите на власта по преставки на граѓаните, вклучително и да врши увид во класифицираните информации со какви, главно, работат безбедносните служби, ги прави нејзините забелешки и препораки до институциите на власта, не само основа за медиумски извештаи, туку и инструмент за кревање и менување на јавната свест.

- Народниот правобранител, како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, може да иницира до Обвинителството и водење на соодветни кривични постапки доколку при вршењето на надзорната фунција оцени дека постои основ на сомневање дека е сторено кривично дело од страна на институциите и нивните претставници. Овие овластувања од гледна точка на јавноста, ниту се мали, ниту можат лесно да бидат занемарени или маргинализирани од институците и високите функционери во нив, рече Пендаровски.

Претседателот ја истакна  целосната поддршка на институцијата Народен правобранител и воедно ја охрабри во иднина да има уште попроактивен пристап и дури и самата да иницира постапки кои во крајна линија ќе помогнат во создавањето на нова правна и политичка култура за вистинското место и улогата на службите за безбедност во демократијата. Пендаровски смета дека на тој начин народниот правобранител ќе даде придонес во реформата на службите, ќе спречи потенцијални злоупотреби и кршење на човековите права и слободи и, во целина, ќе дадете придонес во изградбата на функционална правна држава. вдј/бт/

 

Остани поврзан