• сабота, 29 јуни 2024

Пендаровски: Одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА ќе придонесе за исправање на историските неправди

Пендаровски: Одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА ќе придонесе за исправање на историските неправди
Скопје, 24 мај 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски упати честитики по повод донесената одлука од Соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. - Упатувам честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г. г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од Соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската патријаршија за прием на нашата црква во канонско единство и во евхаристиско општење, се наведува во пораката на претседателот Пендаровски.

Одлуката на Српската православна црква, наведува натаму Пендаровски, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската архиепископија.

- Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество, наведува во пораката претседателот Пендаровски.

Патријархот Порфириј по денешното сослужување на заедничка литургија со арихиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан во Соборниот храм во Скопје, рече дека Соборот на Српската православна црква ја благословува и одобрува автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт. нд/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан