• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Ние немаме отстапка, туку објаснување, Бугарија се повлекува од досегашната заложба

Пендаровски: Ние немаме отстапка, туку објаснување, Бугарија се повлекува од досегашната заложба
Скопје, 18 јануари 2022 (МИА) – Денеска ние даваме објаснувачка нота до ОН, во која велиме до сите земји членки дека ние немаме територијални претензии, независно дали вие како трета страна го употребувате долгото или краткото име, затоа што и долгото и краткото име се однесува на политички ентитет, држава во овие граници и не претендираме на територија на други држави членки на ОН. Бугарите денеска се согласуваат со тој пристап. Практично ние денеска немаме отстапка, туку имаме само објаснување, а Бугарија се повлекува од својата досегашна заложба само долгото име да биде секаде во употреба. Ова е појаснувањето што го даде вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за телевизија 24, во однос на испратената нота од страна на нашата држава до ОН за употребата на краткото име Северна Македонија. Пендаровски најави дека ќе се обиде да ја разработи новата методологија и со неговиот колега Румен Радев, со кого најверојатно деновиве ќе се слушне, за да ја посети Софија, заеднички да дадат поддршка плус. - Јас од моја страна ви гарантирам, тврдам, сакам да бидам поддржувач на овој процес, а не кочничар и во таа насока се надевам дека ќе наидам на поддршка и од колегата Радев, изјави Пендаровски. Тој информира дека петте комисии кои треба формално да се оформат на меѓувладината седница што треба да се одржи на 25 јануари во Софија, ќе бидат новата методологија за работа, така што де факто нема повеќе план 5+1, план што произлезе по пропаднатиот Лисабонски предлог, е надвор од маса. Според Пендаровски, заложбата на Бугарија е ова да заврши некаде до  крајот на мај или почетокот на ноември под претпоставка сите комисии да продуцираат добри резултати и да се искористи крајот на француското претседавање со ЕУ. Тоа е нивниот провизорен рок, одговори претседателот на државата Пендаровски на прашањето дали го прашал на средбата премиерот на Бугарија Кирил Петков кога може да очекуваме датум за почеток на преговори ако има добра динамика на градење доверба. Ако резултатите одат брзо во сите комисии или во поголемиот дел од нив, нагласи Пендаровски, можно е тој рок да биде скратен, меѓутоа не треба да очекуваме резултати преку ноќ. - Изминатите две години недовербата меѓу двете страни од познати причини е огромна. Јазот меѓу двата народи е огромен, рече шефот на државата. Според него, добро е што се ќе се прави мултидисциплинарно и нема да се потпираме, како што рече, само на историјата. Појасни дека на заедничката меѓувладина седница во Софија, формално треба да се оформат пет работни групи или комисиии секоја недела една различна комисија има средба, што е добро темпо на работа. Тие комисии треба да бидат автономни во своето работење, во смисла на тоа што  ќе го продуцираат, преку нивни портпароли ќе ги информираат двете јавности за тоа што се случува. Според Пендаровски, ниту еден од бугарските политичари, дури и кај екстремните националисти од претходната Влада, не го спореа македонскиот јазик, ниту тоа дека ние сме денес Македонци. - Ние и утре да постигнеме договор со Бугарија, можно е Бугарија да го задржи правото да го нарекува нашиот јазик македонски јазик во согласност со Уставот на РС Македонија, ама во билатерален контекст, рече меѓу другото шефот на државата. цр/хс/  

Остани поврзан