• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски: Мандатот ќе му го дадам на оној што ќе ме увери дека има 61 пратеник

Пендаровски: Мандатот ќе му го дадам на оној што ќе ме увери дека има 61 пратеник
Скопје, 30 јули 2020 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски вели дека ќе го додели мандатот за формирање Влада на кој било претставник на која било од изборните листи што освоија пратеници во Собранието кој, како што вели, ќе го увери дека има мнозинство од 61 пратеник. -Уставната норма од членот 90 за доделување на мандатот е кристално јасна – мандатот го добива кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието и тука претседателот нема буквално никаков маневарски простор, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за најновиот број на неделникот Фокус. Не се предвидени, наведува, никакви дополнителни условувања, од типот на барање на гаранции за унитарниот карактер на државата, реформи во службите за безбедност итн., сето она што го гледавме во 2017-та и што претставуваше флагрантно кршење на највисокиот правен акт. -Најконкретно, ќе го доделам мандатот на кој било претставник на која било од 6-те изборни листи кои освоија пратеници во парламентот, кој ќе ме увери дека има мнозинство од 61 пратеник,  потенцира Пендаровски. Конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав е закажана за во вторник следната недела (4 август).
Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.
На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.лв/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан