• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски им ги додели сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и деловни лидери“

Пендаровски им ги додели сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и деловни лидери“
Скопје, 2 јуни 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска им ги додели сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и деловни лидери“ што беше организирана од Советот на странски инвеститори, а под покровителство на Кабинетот на шефот на државата. Ова е завршна церемонија на програмата за млади менаџери и деловни лидери којa под покровителство на претседателот, се реализира од страна на Советот на странски инвеститори и им овозможува на талентирани, млади луѓе до 29-годишна возраст, практично искуство во компаниите кои се членки на Советот. - Благодарение на оваа програма, од јануари до крајот на мај годинава, 32 млади наши сограѓани, преку низа од обуки се стекнаа со вештини и знаења неопходни за нивниот понатамошен професионален развој. Обуките беа спроведени во 18 компании кои се членки на Советот на странски инвеститори. Се радувам што од година во година бројот на компаниите заинтересирани да учествуваат во програмата драстично се зголемува. Така што, ако лани имавме 8, сега имаме 18 компании учесници во програмата. Ставајќи се на располагање на младите менаџери и бизнис лидери овие стопански субјекти направија извонредно значаен општествено одговорен чекор. Искажувам голема благодарност за нивниот интерес, нагласи Пендаровски. Паралелно со бројот на компаниите, вели тој, се зголемува и бројот на кандидати кои аплицираат за програмата и навистина е се потешко да се направи селекција на најдобрите. Впрочем, додава, фактот што четири од учесниците во програмата добија вработување во компаниите каде што ја реализираа програмата говори за двостраниот бенефит. - Очекувам и посакувам овие бројки секоја година да продолжат да растат. Едноставно затоа што полза од тоа имаат и младите менаџери и компаниите. Убеден сум дека ваквите програми суштински придонесуваат за дополнителна мотивација на младите професионалци својата кариера да ја градат во својата татковина. Тие се идните креатори на процесите кои треба да доведат до етабилирање на систем на чиј што врв ќе бидат квалитетот, посветеноста, професионалноста и моралните вредности. Тоа е предуслов да дојдеме до просперитетна, модерна и развиена Република Северна Македонија што е несомнено заеднички интерес на сите наши граѓани и на бизнис-заедницата, потенцира Пендаровски. Програмата за млади менаџери и деловни лидери, според Пендаровски, недвосмислено се покажа како извонредна можност за инволвирање и опфат на различен образовен профил на амбициозни млади луѓе кои имаат желба за квалитетен професионален исчекор. - Не се сомневам дека сите кои беа дел од програмата ќе продолжат да градат успешни кариери и целосно да го реализираат својот потенцијал. Истото важи и за оние кои аплицираа, а не беа меѓу селектираните оваа година, како резултат на големиот интерес и високиот квалитет и конкуренција. Во оваа прилика ги охрабрувам да аплицираат и наредната година. Секако не само на оваа, туку и на други слични програми и проекти кои овозможуваат стекнување на знаење, вештини и искуство, рече Пендаровски. мс/сп/

Остани поврзан