• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото

Пендаровски: Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото
Охрид, 12 јули 2022 (МИА) - Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на отворањето на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. Пандемијата, нагласи тој, две години оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, но „Охридско лето“ на достоинствен начин се враќа со квалитетна понуда на музички и сценски настани како што му прилега. - Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика, истакна претседателот. Во епоха на информациско-технолошки и научен развој, забележа дека без преседан, наместо луѓето да бидат посигурни и посреќни, живеењето на многу места во светот се претвора во борба за власт, доминација над другите и во опседнатост со материјалното. - Сведоци сме на воени конфликти, глобални здравствени закани, непочитување на човековите права и слободи, понижување на достоинството, тектонско изместување на вредностите и губење на моралниот компас. Најтрагично е што стануваме имуни на туѓото страдање и на туѓата болка, а сочувството и солидарноста исчезнуваат од нашите животи како реликти на некое минато време. Од уметност на живеење денес дојдовме до уметност на преживување, нагласи Пендаровски. Според него, прашање е како воопшто човековата цивилизација се најде во ваква безизлезност и покрај сите мрачни историски лекции и преживеани катастрофи. - Меѓутоа, далеку поважно е прашањето и одговорот на него: Што е она што повторно може да го хармонизира и облагороди животот, да го врати значењето на етиката, да ја актуализира хуманоста? Одговорот го знаат сите оние коишто барем еднаш биле дел од оваа манифестација, од оваа или од другата страна на сцената. Кој друг ако не уметниците и што друго ако не креативното, духовното и убавото. Или, како што вели Андре Бретон, „поетската или уметничката прегратка, како и телесната, додека трае, попречува секаков поглед врз бедата на светот“, нагласи претседателот Пендаровски. Затоа, како што рече, да бидеме постојано со уметноста, се разбира, не како бегство од животот, туку, напротив, како моќна алатка којашто ќе нѝ ја овозможи уметноста на живеењето.   Министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска во своето обраќање посочи дека со години „Охридските лета“ се отвораа или се затвораа со фанфари и со мелодијата по Прличевите болни и тешки зборови од „Илјада и седимстотин шесдесет и второ лето“. Но, и покрај „словото горко, словото жалосно“ од Цариград, како што посочи таа, ние имавме вера, имавме црква – ниту со декрет нè укинаа, ниту со декрет можеа да ни земат. -Ја зачувавме својата црква, ја возобновивме Охридската архиепископија во ликот на Македонската православна црква, генерации и генерации со исконска љубов го чуваа и го зачувавме идентитетот македонски, истакна Костадиновска - Стојчевска. И „Охридско лето“ , како што посочи министерката, е потврда за нашиот идентитет и потврда дека сме дел од европската култура. - Другото е лага. Нашиот поглед кон минатото не е за да ѝ го завртиме грбот на иднината. Не. Во нашето минато нема ништо од што би се срамеле за да мораме да го вртиме погледот од него. И нашиот јазик, и нашата музика, и нашите слики, и нашите книги, и нашите ора, и нашите куќи, и нашата кујна – сè е идентитет. И тоа што сме Македонци е идентитет, идентитет што го наследуваме, а од нас зависи дали ќе го надоградиме, ќе го носиме во срцето или само ќе го вртиме по потреба низ уста. Идентитет е и домашното воспитание. Идентитет е и љубовта кон сопствената култура и уметност..., рече меѓу министерката Костадиновска - Стојчевска. Во уметничката порака што вечерва на отворањето ја пренесе композиторот и оперски пејач Горан Начевски истакна дека фестивалот Охридско лето е дел од душата на секој македонски уметник. Привилегија е, додаде тој, да се настапува на истата сцена на која настапиле многу врвни светски имиња. 

-Искрено за мене како композитор и оперски пејач би било полесно да ја испратам уметничката порака во форма на соната, симфонија, опера или преку настап на концерт. Но вечерва таа нека ги содржи зборовите кои се синоним за уметниците, љубов, радост, спокој, разбирање, копнеж, пожртвуваност, решителност, упорност, поддршка, инспирација среќа, пријателства, насмевки, и конечно мир во светот без кој човештвото нема иднина, како и достоинствен живот на сите овде, истакна Начевски.  

Шеесет и второто фестивалско издание беше отворено со грандиозен концерт на четворицата италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, под диригентската палка на Маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет. Љубителите на уметноста во наредните 40 дена ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Предвидено е да настапат над 1.000 уметници од 25 земји. сс/дма/

Остани поврзан