• сабота, 21 декември 2024

Пендаровски: Граѓаните во двете земји треба да знаат за што се разговара, финалното решение да се дебатира и во Собранието

Пендаровски: Граѓаните во двете земји треба да знаат за што се разговара, финалното решение да се дебатира и во Собранието
Скопје, 18 јануари 2022 (МИА) - Финалното решение со Бугарија треба да биде претставено пред пратениците. Мора да влезе во Законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа со мнозинство, но не двотретинско зашто тоа е многу тешко да се добие, смета претседателот Стево Пендаровски. Граѓаните од двете страни, и од македонска и од бугарска, оценува претседателот, мора да знаат за што се преговара. Според шефот на државата, никако не може да се „протне“ решение кое би било недостоинствено. -Не, нема шанси тоа да се случи. Не може да се протне такво решение. Прво јас ќе излезам на прес-конференција и ќе кажам „народе, јас ова не го прифаќам“. И не мислам дека било кој договор треба да се крие од македонската или бугарската јавност. На сила таа работа не оди, треба да им се каже на граѓаните - „за ова разговараме и со ова не се рушат националните позиции“, рече шефот на државата во „24 анализа“. Пендаровски е дециден: „Ако сакаме да потпишеме договор што ќе трае, што ќе биде прифатен од мнозинството граѓани, мораме пред да го потпишеме да им го кажеме и да добиеме од нив позитивен фидбек“. -Мора македонската јавност да види за што станува збор, пред да влезе во сила тој документ, потенцира Пендаровски. Во однос на тоа што го соопшти поранешниот вицепремиер Никола Димитров, претседателот потврди дека по секоја координација во Владата, оформениот документ најпрво доаѓа кај него, а државниот одговор бил заеднички во однос на 5+1 планот. -Претпоставувам дека Димитров е во право и дека имало различни ставови за сензитивни прашања. Но, откако ќе завршеа со консулатациите во Владата и кога ќе оформеа документ, јас го добивав. Ме прашуваа и јас што мислам. Нашиот договор, државен, не само владин, беше идентичен на португалскиот предлог, државниот одговор беше заеднички и во однос на 5+1 планот. А што се случувало во координациите, пред тоа, не знам, рече Пендаровски. мч/хс/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан