• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски: Во вториот круг јас сигурно сум победник

Пендаровски: Во вториот круг јас сигурно сум победник

Скопје, 4 март 2024 (МИА) - Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски говорејќи за анкетите за претстојните претседателски избори вечерва во Тема на денот на ТВ Сител истакна дека претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицковски зборува дека нивниот кандидат ќе води со над 100 илјади гласови во првиот круг од изборите, без притоа да каже како ќе биде соодносот во вториот круг. 

-Сите нивни прогнози се базираат на првиот круг. Никој никогаш не станал, со седум кандидати, претседател во првиот круг. Значи анкетите кои јас ги знам, а ги знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, е дека во вториот круг јас сигурно го добивам нивниот кандидат, рече Пендаровски.

Образложи дека условот еден кандидат да победи во првиот круг е за него да гласаат 50 проценти плус еден граѓанин, од сите луѓе запишани во избирачкиот список, значи околу 900 илјади граѓани, што, како што истакна претседателот тој, е апсолутно невозможно.

За тоа дали поддршката на СДСМ оди во негова корист, Пендаровски рече дека на вчерашниот конгрес на партијата се покажало дека постои висока компатибилност на партиското гласачко тело со еден кандидат кој не е член на политичката партија.

На прашањето дали непотпишувањето на Законот за игри на среќа е една од причините за да не добие поддршка од ДУИ уште во првиот круг, Пендаровски вели дека првенците на ДУИ кажувале уште од почеток дека ако албанската опозоција оди со свој кандидат и тие ќе мораат да одат со свој кандидат имајќи го предвид психолошкиот ефект подоцна односно за две недели на парламентарните избори.

Во однос на можен бојкот на претседателските избори од страна на ДУИ, Пендаровски вели дека ако не успеат изборите во рок од 40 дена мора да се повторат, но тој додава дека ги слуша анализите и не може да свати зошто ДУИ би бојкотирала. -Не знам зошто баш ДУИ би бојкотирала втор круг за претседателски избори, вели Пендаровски.    

Пендаровски рече дека тој ја очекува поддршката од сите етнички заедници, затоа што како што посочи, никој не може да стане претседател ако не добие широка граѓанска поддршка.

-На изборите ја очекувам поддршката од сите етнички заедници и од сите политички партии кои се репрезенти на тие етнички заедници. Многу пати сум го кажувал тоа и го тврдам: не можеш да станеш претседател ако не те поддржат сите, во една значајна бројка, посочи Пендаровски. 

Според него, широката поддршка е нужна не само заради одзивот туку пред се и за понатамошниот политички легитимитет и кредибилитет на претседателот.

Зборувајќи за разликите меѓу него и другите кандидати, Пендаровски рече дека некои од кандидатите се обидуваат да наметнат ревизија на фундаменталните документи на кои почива внатрешната кохезија, ОРД или договорите со кои станавме членка на НАТО или држава со која преговара со ЕУ, зборувам за Преспанскиот договор и една година претходно Договорот со Бугарија.

-Ако вие ги оспорувате тие три договори и притоа не нудите алтернатива како тие договори можат да бидат подобри..., рече Пендаровски кој кажа дека за сите министри, пратеници од ВМРО ДПМНЕ додавката Северна Македонија е неприфатлива и дека тие во ниту еден свој настап досега не кажале Северна Македонија а примаат плата под тоа име.

Зборувајќи за ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски кажа дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е генерален секретар на Никола Груевски и негов личен избор за претседател на партијата, вториот човек Александар Николовски е човек кој беше физички присутен во Виена до Груевски кога тој ја дава наредбата за напад и влезот во Собранието, Антонио Милошовски е да речеме број три таму и имаше судски процеси. ев/са/

ФОТО: Принтскрин

 

 

 

 

 

Остани поврзан