• недела, 24 ноември 2024

Пендаровски: Ако немаме јасно мнозинство од 61 глас, ќе биде уште полошо од сегашната политичка криза

Пендаровски: Ако немаме јасно мнозинство од 61 глас, ќе биде уште полошо од сегашната политичка криза
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски смета дека државата е во политичка криза и дека ако нема јасно мнозинство ќе биде уште полошо. -Она што мене ми се чини дека ќе биде уште полошо од оваа тековна политичка криза е ако во наредниве денови, не добиеме јасно мнозинство на некои од овие две страни кои се обидуваат да дојдат до 61 пратеник, истакна Пендаровски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21. Според него, во тој случај можеме да влеземе во т.н. бугарско сценарио. Претседателот Пендаровски рече дека загубата на Град Скопје на локалните избори не смеело да биде повод за премиерот Зоран Заев да се повлече од политиката. Тој смета дека оваа политичка криза е предизвикана од потегот на премиерот. -Јас мислам дека тоа не смееше да биде повод за повлекување од политиката, истакна Пендаровски. Шефот на државата рече дека неколку пати разговарал со Заев околу причините за оставката. Според него, мотивите и причините за неговата оставка не се само политички туку се и длабоко лични. -Јас мислам дека независно од последните најави од вчера дека тој ќе остане уште извесен период, јас мислам дека неговото повлекување од политиката е прашање на месеци, додаде Пендаровски. Во однос на тоа, кој би можел да го замени, претседателот рече дека „знаеме дека политичкиот капацитет и за коалицирање, и за менаџирање на процесите, во рамки на таа политичката партија, години наназад е најголем кај Зоран Заев“. Претседателот Пендаровски рече дека ќе организира лидерска средба само доколку двете страни имаат по 60 пратеници во Парламентот, и не можат да формираат мнозинство ниту едните, ниту другите. -И да ги повикам, што ќе им кажам? Според Уставот јас не можам да им држам предавање. Кај нас е парламентарен систем, не е претседателски. Можам ако не дај Боже влеземе во пролонгирана криза, претпоставена да двете страни имаат по 60 пратеници, и да ги викнам да им кажам дека мора да се најде решение. Ако се изгласа мнозинство, моите рокови се јасни, 10 дена имам за давање на мандатот. И да нема енергетска криза, премногу време губиме за било која реформа, и уште тоа недостасува да се направи да имаат сите по 60 пратеници. Но тоа би било во подоцнежна фаза, не сега, изјави Пендаровски. Во врска со утрешната собраниска седница и за тоа кој ќе го добие мандатот, претседателот кажа дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат, и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор. -Она што како претседател ми е важно, и е важно и за меѓународната заедница, е следното: оној кој ќе добие во демократска процедура 61 глас, тој ќе биде потполно релевантен соговорник и внатре и надвор. Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура како што е пропишано во Устав и Закон, рече Пендаровски. На прашањето кој има мнозинство според неговите информации, тој рече дека се шегувал оти сега и најдобрите разузнавачи не знаат кој има мнозинство. Шефот на државата вели дека поголемиот дел од политичарите не би сакале брзи избори. Причините како што кажа е опаѓањето на бројот на гласачите и калкулациите на политичките партии. ев/са/    

Остани поврзан