• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски-Шидер: Северна Македонија останува силно посветена на евроинтегративниот процес

Пендаровски-Шидер: Северна Македонија останува силно посветена на евроинтегративниот процес

Скопје, 4 мај 2021 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Андреас Шидер, австриски европратеник и копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија Република Северна Македонија.

На средбата, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека Република Северна Македонија високо ја цени силната поддршка од Европскиот Парламент и дека истата придонесува за подобрување на политичката атмосфера во земјата и го забрзува процесот на пристапување кон Европската Унија. Во таа насока, претседателот изразил задоволство од последната усвоена Резолуција од страна на европратениците, во која непристрасно се нотира реалната слика за постигнатите реформи и политичката состојба во земјата.

Во разговорите, како што стои во соопштението, било посочено дека и покрај потешкотиите предизвикани од пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија останува силно посветена на евроинтегративниот процес. 

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за ангажманот на австрискиот европратеник Шидер, и ги реафирмирал очекувањата за што поскоро усвојување на Преговарачката рамка и одржување на Првата меѓувладина конференција со Европската Унија за време на португалското претседателство.

Соговорниците изразиле очекување дека соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Европскиот парламент ќе продолжи со уште позасилена динамика во иднина, за што значаен придонес и поттик дава конструктивниот дијалог во Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија Република Северна Македонија. дма/скс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан