Пезешкијан: Иран жестоко ќе одговори на каков било напад
- Одговорот на Исламска Република Иран на секоја сурова агресија ќе биде брутален и обесхрабрувачки, истакна Пезешкијан
Техеран, 30 декември 2025 (МИА) – Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан денеска на платформата Икс објави дека Техеран остро ќе одговори на каков било напад.
- Одговорот на Исламска Република Иран на секоја сурова агресија ќе биде брутален и обесхрабрувачки, истакна Пезешкијан.
Неговата објава е одговор на американскиот претседател Доналд Трамп кој навести дека САД би можеле да го нападнат Иран ако се обиде да ја реконструира својата нуклеарна програма.
- Сега слушам дека Иран се обидува повторно да стане посилен. И ако го сторат тоа, ќе мора да ги собориме. Ќе ги собориме. Целосно ќе ги нокаутираме. Но, се надевам дека тоа нема да се случи, изјави синоќа Трамп за време на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Американските сили во јуни се придружија на 12-дневната воена кампања на Израел против Иран и ги нападнаа трите главни ирански нуклеарни постројки.
Трамп тогаш тврдеше дека во нападите ги „збришале“ иранските постројки, иако подоцнежните процени на штетите од САД покажаа дека при нападите значително е оштетен само нуклеарниот објект Фордоу. ми/јт/
фото: ЕПА