Патувачкото кино на МакеДокс 2022 во Преспа
- Магаренцето на Патувачкото кино на „МакеДокс“ го продолжува своето тринаесетто патување во Преспанскиот регион. Од денеска до 17 септември предвидени се четири проекции на документарни филмов
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - Магаренцето на Патувачкото кино на „МакеДокс“ го продолжува своето тринаесетто патување во Преспанскиот регион. Од денеска до 17 септември предвидени се четири проекции на документарни филмови кои ќе се одржат на различни локации.
- Преспа е повторно во фокус, бидејќи (агро)културата во тој регион е тотално девастирана, а таа е основа за сите понатамошни сегменти на современото живеење (образование, економија, политика...), но овојпат на нови локации - посочува Бранд Ферро, извршен продуцент на МакеДокс.
Првата проекција во рамки на Патувачкото кино е закажана за вечер во Ресен (Сарај), утре (14 септември) проекцијата ќе биде во с. Дрмени (кај самопослугата), на 16 септември е во с. Лавци (кај џамијата) и на 17 септември во с. Подмочани (на игралиштето).
Гостувањето во регионот на Преспа е втората етапа на Патувачкото кино на МакеДокс. Првата се одржа од 18 до 23 јули во струмичките села.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Националната фондација за демократија од Вашингтон. вг/са/