• понеделник, 23 декември 2024

ПАСОК денеска се очекува да достави предлог до Парламентот за гласање недоверба на грчката Влада

ПАСОК денеска се очекува да достави предлог до Парламентот за гласање недоверба на грчката Влада

Атина, 26 март 2024 (МИА) – На иницијатива на грчката опозициска партија ПАСОК и претседателот Никос Андрулакис се очекува во текот на денот во Парламентот да биде доставен предлог за гласање недоверба на Владата на Нова демократија, предлог што ќе биде поддржан и од други опозициски партии, јави дописничката на МИА од Атина. 

Предлогот за недоверба на Владата доаѓа по текстот во весникот „То вима“ според кој разговорите меѓу одговорните на железничките станици на денот на железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година, објавени тогаш во медиумите биле монтирани за, веројатно, да се зајакне тврдењето дека причината за судирот на двата воза е човечка грешка. 

За да се достави предлог за гласање недоверба на Владата потребни се најмалку 50 потписи, односно една шестина од вкупниот број пратеници во Парламентот.

ПАСОК има 32 пратеници, со што неопходна е поддршка и од останатите опозициски партии и според најавите, се очекува СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода да ја поддржат иницијативата, со што би се собрале над 85 потписи.

Предлогот се очекува во текот на денот да биде доставен до Парламентот и во период од 48 часа ќе треба да почне пленарната седница, а расправата ќе трае три дена по што ќе следи и гласањето.

Откако лидерот на ПАСОК ја соопшти иницијативата за доставување предлог за гласање недоверба на Владата, владиниот портпарол Павлос Маринакис коментираше дека е добредојдена.

За да се изгласа недоверба на Владата потребно е предлогот да биде поддржан од 151 од вкупно 300 пратеници во Парламентот, додека пак владејачката Нова демократија има мнозинство од 158 пратенички места. ср/сд/

Остани поврзан