• недела, 22 декември 2024

Партијата на косовските Срби повика на бојкот на пописот: Доаѓа во неповолен момент за Србите

Партијата на косовските Срби повика на бојкот на пописот: Доаѓа во неповолен момент за Србите

Приштина, 5 април 2024 (МИА) – Партијата на косовските Срби (ПКС) ги повика Србите во Косово да го бојкотираат пописот на населението што започнува денеска, со оглед на тоа дека пописот во овој момент го смета за „неприфатлив“ и дека станува збор за „политички и безбедносно најпредизвикувачки и најнеповолен момент за Србите во Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Главниот одбор на оваа партија заседавал синоќа, при што, како што е соопштено, се разгледани последните политички случувања, но и ситуацијата која, според ПКС, „кулминира со антисрпската политика на Владата на Косово“.

Од ПКС сметаат дека граѓаните во моментов се целосно неинформирани за пописот, а од друга страна наведуваат дека косовските институции не се способни да го спроведат процесот како што треба.

Голем број наши сограѓани беа принудени привремено да ги напуштат домовите со своите семејства поради измислени обвиненија, закани и терор на Владата на Косово и дејствијата на специјалната единица на КП. На северот на Косово се уште е во сила одлуката на Владата на Косово за „специјална антитерористичка операција“, се наведува во заклучокот на ПКС.

Поради горенаведените причини, како и „едностраните потези“ на косовската влада, од партијата посочуваат дека немаат друг избор освен да ги повикаат Србите да го бојкотираат овој процес.

Според ПКС, ова „не е попис на населението“, туку „желба на (премиерот) Албин Курти да го провери успехот на неговата репресивна политика кон Србите и во бројки да види колку Срби успеал да протера од 2021 година“, кога дојде на власт.

По повеќе од две години одложување, во Косово денеска започнува пописот на населението, домаќинствата и становите/куќите, вклучително и на северот на земјата, населен со мнозинско српско население. Процесот ќе трае шест недели, односно до 17 мај годинава, додека прелиминарните резултати се очекува да бидат објавени во рок од три месеци.иа/сд/

Остани поврзан