Парламентот на Конго го укина имунитетот на поранешниот претседател Кабила поради наводна поддршка за бунтовниците
- Парламентот на Демократска Република Конго денеска го укина имунитетот на поранешниот претседател Жозеф Кабила поради неговата наводна поддршка за бунтовниците од Движењето 23 март (М23)
Киншаса, 23 мај 2025 (МИА) – Парламентот на Демократска Република Конго денеска го укина имунитетот на поранешниот претседател Жозеф Кабила поради неговата наводна поддршка за бунтовниците од Движењето 23 март (М23).
По укинувањето на имунитетот Кабила ќе може кривично да биде гонет.
Министерот за правда на Конго, Констан Мутамба изјави дека Кабила е обвинет за „предавство, воени злосторства, злосторства против човештвото и учество во бунтовничко движење“.
Кабила беше претседател на Конго од 2001 до 2019 година. И неговиот татко Лоран Кабила беше претседател, а убиен е во 2001 година.
Армијата на Конго и М23 на почетокот од месецот се согласија да работат на примирје, но борбите продолжуваат во источната провинција Јужна Киву, што се наоѓа во близина на границата со Руанда.
Деценискиот конфликт во источниот дел на ДР Конго ескалираше во јануари кога бунтовниците од М23, поддржани од Руанда, го зазедоа стратешкиот град Гома, а во февруари го зазедоа и градот Букаву. М23 е една од околу 100 вооружени групи што се борат за власт во источниот дел на земјата, богат со минерали. Бунтовничката група главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. Конфликтот во источниот дел на ДР Конго трае повеќе децении за земјиште и ресурси. Во земјата пред повеќе од две децении распоредени се мировни сили на ОН, а во моментот имаат околу 14.000 војници. ми/
фото: ЕПА