Париската катедрала Нотр Дам повторно ги отвора вратите, со присуство на бројни официјални претставници
- Во Париз ќе се одржи церемонија по повод отворањето на катедралата Нотр Дам, со говор на францускиот претседател Емануел Макрон, кој го одржа своето ветување дека изгорениот скапоцен камен на готската архитектурата ќе биде повторно отворен во 2024 година, но сјајот на таа инаугурација ќе остане во сенка на актуелната политичка криза во земјата.
Париз, 7 декември 2024 (МИА) - Во Париз ќе се одржи церемонија по повод отворањето на катедралата Нотр Дам, со говор на францускиот претседател Емануел Макрон, кој го одржа своето ветување дека изгорениот скапоцен камен на готската архитектурата ќе биде повторно отворен во 2024 година, но сјајот на таа инаугурација ќе остане во сенка на актуелната политичка криза во земјата.
Макрон денеска ќе одржи говор на плоштадот пред обновената катедрала по големиот пожар на 15 април 2019 година. Најавено е дека ќе се одржи прва миса отворена за пошироката јавност, јавија француските медиуми.
Своето присуство на церемонијата го потврди и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и тоа ќе биде негово прво патување откако во ноември победи на изборите во САД.
Претседателот на Франција на 29 ноември ја посети Нотр Дам заедно со камери кои го открија раскошот на обновената зграда.
Макрон се надева дека церемонијата на отворање на катедралата за него ќе биде голем дипломатски состанок со пристигнувањето на околу 40 шефови на држави и влади.
Точно на 15 април 2019 година, пожар ја опустоши катедралата, симбол на христијанството кој беше вклучен во светското наследство на Организацијата за образование, култура и наука на Обединетите нации (УНЕСКО). Дотогаш, катедралата добиваше 12 милиони посетители секоја година.
Беа потребни неколку месеци да се отстранат 40.000 јагленисани цевки што ја опкружуваа катедралата пред пожарот и да се демонтираат статуите поради реставрација.
Тој процес, прекинат за време на епидемијата на коронавирусот, се спроведуваше под висок степен на безбедност, беше завршен во летото 2021 година и чинеше 150 милиони евра.
Реконструкцијата почна во есента 2021 година на градилиштето на катедралата, каде беа поставени внатрешни и надворешни скелиња, како и бројни работилници на столари, стаклари и каменоресци.
За Французите, катедралата Нотр Дам не е само светски позната средновековна готска катедрала, туку срцето на Париз и градба овековечена од писателите и дел од историјата на нацијата.
Изградбата на катедралата била почната во 1163 година од страна на епископот Морис де Сали, а била завршена речиси два века подоцна во 1345 година.
Нотр Дам е тесно поврзан со историјата на Французите. Нејзините моќни ѕвона биеле на 24 август 1944 година за да го одбележат ослободувањето на земјата од нацистите, а 26 години подоцна тие заѕвонија на погребот на водачот на Отпорот, генералот Шарл де Гол.
Катедралата ја опеал поетот Жерар де Нервал, кој во 1832 година ѝ ја посветил песната „Богородичната црква во Париз“. Една година претходно, Виктор Иго го напиша романот „Богородичната црква во Париз“, за катедралата, ѕвонарот Квазимодо и ромската танчерка Есмералда. рп/
Фото: ЕПА