• сабота, 23 ноември 2024

Париз потврдува дека ќе биде наплатен данокот Гафа во 2020 година и покрај заканите за американски санкции

Париз потврдува дека ќе биде наплатен данокот Гафа во 2020 година и покрај заканите за американски санкции

Париз, 25 ноември 2020 (МИА) - Данокот за дигиталните гиганти – Гафа ќе се наплаќа во 2020 година, потврди во средата француското Министерство за економија, и покрај заканите за американски репресалии на француски производи  во висина од 1,3 милијарди долари, вклучувајќи рачни чанти и козметика, јави дописникот на МИА од Париз.

- Компаниите што подлежат на овој данок добија даночно известување за исплата на ратите од 2020 година, јавија француските медиуми, повикувајќи се на француски извор, со што ги потврдија информациите од „Фајненшл тајмс“.

Според британскиот дневен весник, “Фејсбук и Амазон се меѓу компаниите кои биле известени последните денови“.

Со оваа одлука, Франција се изложува на американски санкции, во екот на транзицијата помеѓу новиот американски претседател Џо Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп, кој веќе ги зголеми царините за француските вина на 2 5 отсто во контекст на конфликтот на државна помош исплатена на Ербас и Боинг.

Во јули 2019 година, францускиот Парламент усвои данок-такса од 3 отсто на прометот на дигиталните гиганти, со што Франција стана пионерска земја во оданочувањето на „Гафа“ (кратенка означувајќи ги Гугл, Амазон, Фејсбук и Епл ) и други мултинационални компании обвинети за затајување данок. Тоа на францускиот буџет и донесе 350 милиони евра во 2019 година.

Вашингтон, кој смета дека овој данок е дискриминирачки за американските компании, возврати со закана дека ќе примени тарифи од 100 отсто на одредени француски производи, особено сирења, козметика и чанти.

Но, во јануари, двете земји склучија примирје за да им дадат шанса на преговорите водени под покровителство на ОЕЦД за создавање глобален данок на мултинационалните компании: Париз го замрзна данокот, а Вашингтон беше воздржан од санкции. Овие преговори не успеаја во октомври, со што примирјето беше поништено.

- Ние ја прекинавме наплатата на данокот сè додека не завршија преговорите за ОЕЦД. Ова преговарање не успеа, па затоа ќе собереме данок од дигиталните гиганти следниот декември, предупреди францускиот министер за економија Бруно Ле Мер кон средината на октомври. тг/

Остани поврзан