• четврток, 26 март 2026

Папата Лав Четиринаесетти ги пофали новинските агенции како бедем против дезинформациите

Папата Лав Четиринаесетти ги пофали новинските агенции како бедем против дезинформациите

Ватикан, 9 октомври 2025 (МИА) – Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, денеска го пофали „драгоцениот“ труд на новинските агенции, нарекувајќи ги „бедем против пост-вистината“, во време кога вештачката интелигенција (ВИ) сè повеќе придонесува за ширење на лажни вести.

- На светот му се потребни слободни, сериозни и објективни информации, рече папата за време на аудиенција во Ватикан пред членовите на конференцијата Minds International – здружение на водечките светски новински агенции.

- Благодарение на вашиот трпелив и прецизен труд, можете да изградите бедем против оние кои, преку древната уметност на лагата, сакаат да создадат судир за да владеат преку поделба. Вие сте бедем на цивилизацијата против пост-вистината, потенцираше папата.

Лав XIV потсети дека и самиот бил цел на дезинформации преку лажни видеа на социјалните мрежи што го прикажуваат како држи измислени говори создадени со помош на вештачка интелигенција.

Тој нагласи дека трудот на новинските агенции треба да служи како „противотров“ на ширењето на дезинформации.

„Алгоритмите создаваат содржина и податоци со обем и брзина какви човештвото досега не познавало. Но, кој ги контролира нив?“, праша папата, кој предводи заедница од 1,4 милијарда католици.

Тој повика на будност во време кога вештачката интелигенција придонесува за поткопување на довербата во традиционалните медиуми и повтори апел за ослободување на новинарите кои се „неправедно гонети и затворени“ заради својата работа.

„Да се биде новинар никогаш не смее да се смета за злосторство, туку за право што заслужува заштита,“ рече Лав Четиринаесетти, оддавајќи почит на новинарите убиени на должност, кои ги нарече „жртви на идеологијата на војната“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан