• вторник, 11 март 2025

Паолучи: Фискалните совети се особено важни за земјите кои сакаат да пристапат во ЕУ

Паолучи: Фискалните совети се особено важни за земјите кои сакаат да пристапат во ЕУ

Скопје, 11 март 2025 (МИА) – Фискалните совети се есенцијална алатка која им помага на земјите да управуваат со своите буџети и се особено важни за земји како што е и Република Северна Македонија кои се на својот пат кон пристапување во Европската Унија, истакна денеска во Скопје директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Получи.

-Претходните години беа години на криза кои доведоа до зголемување како на дефицитот, така и на долгот, а токму улогата на Фискалниот совет е да ги советува власите и да препорачува насоки како да се вратат кон јасно утврдените фискални цели. Токму затоа денеска сме тука за да видиме како да се спроведат фискалните правила, која е улогата на Фискалниот совет, што е она што другите земји го имаат направено за да функционира добро и да има совршен ефект, изјави Получи пред почетокот на конференцијата „Фискално управување во Европската Унија и улогата на Фискалниот совет“, организирана од Фискалниот совет на Северна Македонија заедно со Светска банка.

Нагласи дека фискалните правила и Фискалниот совет се есенцијални, но, посочи, уште поважно е да има политичка заложба за да се изоди патот кон фискална консолидација.

-Ја поздравуваме сериозната работа која ја направи Министерството за финансии преку изготвување на стратегии кои одат во вистинска насока, рече Паолучи и додаде дека без поддршка на Европската Унија немаше да може да се донесат значајни говорници на денешната конференција.

Кристијан Вајс, раководител на националната единица за фискални рамки и претставник на ЕУ за работа со нашиот Фискален совет рече дека имаат позитивно искуство со независните фискални институции и фискални совети и додаде дека ја поддржуваат нивната работа преку регулаторна законодавна рамка.

-Силни, компетентни фискални совети ги засилија фискалните политики во рамките на ЕУ и со тоа и нивниот кредибилитет. Фискалните совети треба да бидат проактивни и да делуваат по сопствена иницијатива. Многу е полезно доколку од самиот почеток се инволвирани во донесувањето на одлуките од страните на владите и на парламентите. Токму затоа овој настан е многу значаен, рече Вајс пред почетокот на конференцијата.вј/aa/

Фото: МИА

Остани поврзан