• недела, 18 август 2024

Панорамско тркало се запали на музички фестивал во Германија, повредени околу 30 лица

Панорамско тркало се запали на музички фестивал во Германија, повредени околу 30 лица

Лајпциг, 18 август 2024 (МИА) - Повеќе од 30 лица се повредени откако синоќа се запали панорамско тркало на фестивалот „Хајфилд“ во близина на германскиот град Лајпциг во источниот дел на земјата, јави ДПА, повикувајќи се на полицијата.

Според првичните податоци, сите жртви вдишале чад откако две кабини се запалиле на тркалото, изјави портпаролката на полицијата.

Сепак, шефот на операциите на германскиот Црвен крст изјави дека две лица се тешко повредени. Портпаролката на полицијата првично не можеше да ја потврди оваа информација. Таа, сепак, рече дека меѓу повредените има и четворица полицајци.

Причините за пожарот засега се нејасни. Првично, една од кабините на панорамското тркало се запали околу 21 часот по локално време. Пожарот потоа се проширил и на втората кабина. Според известувачот на ДПА кој бил на местото на несреќата, пожарот целосно ги уништил двете кабини.

Еден од посетителите на фестивалот од Келн рече дека панорамското тркало наеднаш се забрзало. Запалените кабини се наоѓале на самиот врв на тркалото.

Околу 30 минути по избувнувањето на пожарот, портпаролот на противпожарната служба изјави дека ситуацијата е под контрола. мс/

фото: Принтскрин

Остани поврзан