• петок, 22 ноември 2024

Пали Колефски ќе ја бара довербата за втор мандат за градоначалник на Пустец

Пали Колефски ќе ја бара довербата за втор мандат за градоначалник на Пустец

Дебар, 23 јануари 2023 (МИА) - Актуелниот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски по вторпат ќе ја побара довербата од граѓаните на локалните избори што во Албанија ќе се одржат на 14 мај.

- Мојата кандидатура за локалните избори е утврдена од структурите на Социјалистичката партија. Се надевам на поддршка на жителите на општина Пустец, со цел да продолжиме со проектите за подобра иднина на општината и нејзините граѓани, рече за МИА, Колефски.

На јунските избори во 2019 година, Пали Андон Колефски освои 1.505 или 66,84 отсто од гласовите. Додека пак, неговиот противкандидат Едмонд Вангел Темелко, од Македонска алијанса за европска интеграција, 859 гласови или 33,16 отсто. Темелко во три мандати беше градоначалник на Пустец.

Четириесет и три годишниот Колефски родум е од Пустец, а живее во Корча. Оженет е и татко на две деца. Тој е дипломиран економист и пред да биде избран за градоначалник, беше вработен во Царинската испостава во Корча.

Во однос на 15-члениот состав на општинскиот совет, на минатите избори, четири места обезбеди МАЕИ, додека 11 советници се од изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија”, предводена од владејачката Социјалистичка партија, од чии редови се шестмина советници, додека останатите пет се од другите партии во коалицијата. вт/бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан