• недела, 22 декември 2024

Палестинското барање за полноправно членство во ОН е проследено до надлежниот Комитет

Палестинското барање за полноправно членство во ОН е проследено до надлежниот Комитет

Њујорк, 8 април 2024 (МИА) – Претседавачката со Советот за безбедност на Обединети нации, амбасадорката на Малта во ОН, Ванеса Фрејзи денеска го проследи барањето на Палестина да стане полноправна членка на Светската организација до надлежниот Комитет за прием на нови членки.

Таа истакна дека барањето ќе се разгледува денеска, а расправата мора да се одржи во текот на месецот додека Малта претседава со СБ на ОН.

- Искрено се надеваме дека по 12 години стекнување статус на држава набљудувач, во СБ ќе се постигне консензус за решение за две држави со прием на Палестина со полноправно членство во ОН, истакна палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур.

Минатата недела палестинските власти официјално побараа СБ да го преиспита барањето од 2011 година Палестина да стане полноправна членка на ОН.

За време на седницата, 15-члениот Комитет прво го оценува барањето и утврдува дали земјата кандидат ги исполнува условите за прием во членство во ОН, а потоа носи одлука – или да го одложи приемот или да го испрати до СБ на формално гласање. За прием во членство потребни се најмалку девет гласа во Советот за безбедност на ОН, без вето од петте постојани земји-членки – САД, Русија, Кина, Франција или Велика Британија.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан посочи дека палестинската држава ќе претставува „закана за националната безбедност на Израел“.

- СБ моментално расправа за признавањето на „палести-наци држава“ … исполнувањето на тоа барање ќе биде најгрозоморната награда за најгрозоморните злосторства. Самото разгледување на ова барање веќе е победа за оние кои ги извршија и ги поддржаа невидените напади на Хамас врз Израел на 7 октомври. Што е следно, членство на Исламска држава во ОН?, истакна Ердан.

Тој смета дека идејата за доделување статус на држава на Палестинците е спротивна на идејата за постигнување „трајно решение на преговарачка маса“.

Палестинците имаат статус на држава набљудувач во ОН, како и Ватикан, од 2012 година. Минатата недела тие официјално го оживеаја барањето за полноправно членство во ОН од 2011 година.

Се претпоставува дека САД ќе стават вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во ОН исто како што се спротивставија во 2011 година.

Нашиот став не е променет, децидно изјави денеска заменик-амбасадорот на САД, Роберт Вуд, повторувајќи дека признавањето на палестинската држава мора да се направи во рамките на договорот со Израел, а не во ОН. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан