• четврток, 30 јануари 2025

Палестински власти: Во израелски напад на Западниот Брег загинаа најмалку 10 лица

Палестински власти: Во израелски напад на Западниот Брег загинаа најмалку 10 лица

Рамала, 30 јануари 2025 (МИА) – Најмалку 10 лица загинаа во израелски воздушен напад во северниот дел на Западниот Брег, соопштија денеска палестинските власти, пренесе ДПА.

Израелската војска соопшти дека гаѓала група вооружени мажи со авион во градот Тамун на Западниот Брег, но не даде дополнителни детали.

Според палестинските извештаи, израелско беспилотно летало истрелало три проектили врз една куќа.

Палестинското Министерство за здравство во Рамала соопшти за 10 смртни случаи, додека Црвената полумесечина соопшти дека неколку други се повредени, од кои некои се критични.

Нападот доаѓа малку повеќе од една недела откако израелската армија почна голема воена операција во Џенин, кој исто така се наоѓа во северниот дел на Западниот Брег.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац вчера изјави дека израелската војска ќе го задржи присуството во Џенин по тековната воена операција во градот на северниот дел на Западниот Брег, кој се смета за упориште на палестинските милитанти. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан