• четврток, 26 март 2026

ОЈО Скопје поведе постапка за загрозување на животната средина со отпад во Шуто Оризари

ОЈО Скопје поведе постапка за загрозување на животната средина со отпад во Шуто Оризари

Скопје, 30 јули 2025 (МИА) - Поради незаконско складирање отпад и предизвикување голем пожар што испуштил штетни гасови во воздухот, Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против две физички и едно правно лице од Шуто Оризари. Тие се товарат за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, согласно член 230 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, осомничените подолг временски период складирале отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили и шасии на локација без дозвола, спротивно на Законот за управување со отпад и еколошките прописи.

На 9 јули, на истата локација избувнал неконтролиран пожар кој зафатил целата маса од отпадниот материјал. Пожарот предизвикал испуштање на чад, пепел и токсични гасови, со што била загрозена животната средина и здравјето на граѓаните.

По барање на јавниот обвинител, Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата извршила мерења и утврдила зголемено ниво на индустриска контаминација.

Од обвинителството велат дека СВР Скопје веќе обезбедиле обемна документација и други докази, а Државниот инспекторат за животна средина извршил вонреден надзор и констатирал сериозни неправилности.

Од ЈО дополнуваат истрагата продолжува со распити и вештачења за целосно расветлување на случајот. ар/дма/


Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан