• петок, 26 април 2024

Оштетени корпи и отпад низ улиците на Скопје, дел од општините одговорни во одржувањето на кантите и корпите, казни има само од МВР, но сепак недоволни

Оштетени корпи и отпад низ улиците на Скопје, дел од општините одговорни во одржувањето на кантите и корпите, казни има само од МВР, но сепак недоволни

Скопје, 8 декември 2023 (МИА) - Често се наоѓаме во ситуација да не можеме да најдеме корпа или канта каде да го фрлиме отпадот низ улиците на Скопје, или ги нема, или се премногу оштетени, а некогаш дури и се преполни. Од друга страна, пак, гледаме и премногу отпад низ улиците на главниот град, што укажува на недостиг на корпи за отпад и недоволен надзор од страна на институциите и во однос на корпите, но и недостиг во однос на казнувањето на несовесното однесување на дел од граѓаните кои не бараат соодветно место за фрлање на отпадот. Од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, за МИА информираат дека за работите од надлежност на единиците на локалната самоуправа, инспекцискиот надзор над примената и спроведување на Законот за управување со отпад го вршат овластени инспектори за животна средина на самите единици на локална самоуправа. Додека во однос на казнувањето, податоци има само од Министерството за внатрешни работи од каде што известуваат дека во текот на 2022 година изречени се 150 прекршочни казни за фрлање отпад на несоодветно место.

Во однос на одржувањето на корпите и кантите за отпад, различни скопски општини даваат различни податоци околу менаџирањето со комуналниот и комерцијалниот отпад, како и околу нивната одговорност. Од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, за МИА информираат дека градоначалникот на општините и градоначалникот на Градот Скопје, меѓу другото, се должни да се грижат за јавната чистота и за собирање и расчистување на напуштениот отпад и да предлага и донесува акти со кои ќе го регулира истото. Став за состојбата со корпите и кантите со отпад МИА побара од Градот Скопје и скопските општини, но дел не одговорија.

Од Општина Центар информираат дека заклучно со 31.06.2023 година поставени се вкупно 452 канти за отпадоци, поставени се 98 канти за отпадоци во изминатата година, заменети се 52 канти за отпадоци, додека кантите за отпадоци се празнат секој ден од страна на комуналните служби на ПОЦ.

Според тоа на 100 жители во општината има по една канта, а една од десет е заменета на годишно ниво, поради оштетеност или дотрајаност.

Од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање за МИА известуваат дека за работите од надлежност на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје, утврдени со истиот закон, инспекцискиот надзор над примената и спроведување на овој закон го вршат овластени инспектори за животна средина на општините, општините во градот Скопје и овластени инспектори за животна средина на градот Скопје. Исто така, како што се вели, за јавната чистота задолжени се комуналните редари на општината.

-Согласно член 28 од Законот за управување со отпад градоначалникот на општините и градоначалникот на Градот Скопје, меѓу другото, се должни да се грижат за јавната чистота и за собирање и расчистување на напуштениот отпад и да предлага и донесува акти со кои ќе го регулира спречувањето, намалувањето, селектирањето, собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад и комерцијалниот отпад, како и презема мерки за реализација на донесените акти. Во овие акти се определува бројот на канти и начинот на нивно празнење, велат тие.

Од Град Скопје информираат дека на територијата на градот редовно се заменуваат со нови, се реновираат или се чистат садовите за отпад. Податоци добивме само за бројот на оштетени канти за отпад, но не и за тоа колку има и колку нови канти за отпадоци биле поставени, на територијата на Град Скопје во текот на минатата година.

Според податоците со кои располага Секторот за комунални работи при Град Скопје, во период од почетокот на 2022 година, до крајот на август 2023 година, Јавното претпријатие „Комунална хигиена" Скопје има издадено 264 канти нови од 120л на домаќинства на подрачје на Град Скопје. 

Од нив, како што информираат од Град Скопје за МИА, на подрачје на Град Скопје во текот на истиот период, ПВЦ контејнери од 3,2м3 зафатнина поставени се 42 нови, ПВЦ контејнери од 1,1м3 зафатнина поставени ce 402 нови и метални контејнери од 1,1м3 зафатнина поставени се 290 нови.

-Оштетени повлечени од употреба се следниве: ПВЦ контејнери од 3,2м3 зафатнина 42, ПВЦ контејнери од 1,1м3 зафатнина 216, метални контејнери од 1,1м3 зафатнина 177, корпи за џебен отпад 300, велат од Град Скопје.

Во однос на интервалите за чистење на садовите за отпад, оттаму информираат дека садовите од 120л се чистат два пати неделно, тие од 3,2м3 седум пати неделно, а тие со 1,1м3 90 проценти се чистат седум пати неделно, додека 10 проценти шест пати неделно.

За тоа колку казни за фрлање на отпад на несоодветно место биле изречени во текот на 2022 година, од МВР за МИА врз база на нивните податоци кои ги поседуваат, велат дека издадени се 150 прекршочни казни.

-Ве известуваме дека Секторот за внатрешни работи Скопје преку полициски службеници од Полициските станици согласно член 14 од Законот за Јавна чистота констатираат прекршоци за кои се издава мандатен платен налог. Во 2022 година изречени се 150 платни налози за констатирани прекршоци, велат од МВР. 

МИА постави прашања до сите скопски општини, некои од нив, иако не можат да утврдат со точни бројки, сепак се водат со одредени податоци кои ги поседуваат, додека одредени општини во градот Скопје одговорноста ја префрлаат на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје.

Од Општина Карпош за МИА информираат дека на нивна територија се наоѓаат околу 350 корпи за отпадоци, но велат дека нивниот број не може да се утврди прецизно, бидејќи, како што посочуваат, многу често истите се предмет на уништување и вандализам од несовесни граѓани.

-Оваа тековна година, ќе бидат поставени 150 нови корпи на отпадоци, на локации, на кои граѓаните барале таква урбана опрема, и таму каде што постоечките биле делумно или целосно оштетени. Минатата 2022 година, беа заменети 100 корпи за отпадоци, поради оштетеност или дотрајаност, велат од Општина Карпош.

Од Општина Шуто Оризари велат дека нема поставено контејнери, туку секое домаќинство има канта за отпадоци. Во оваа општина со околу 6 000 домаќинства нема информации колку канти за отпадоци по домаќинство се поставени изминатава година, и велат дека се под надлежност на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје. Додека поставените канти за отпадоци се празнат два пати неделно од страна на ЈП Комунална хигиена.

Сличен одговор дадоа и од Општина Чаир, каде што велат дека целата надлежност припаѓа на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје.

-Поставувањето на корпите за отпадоци, мапирањето на истите, заменување во случај на оштетување се надлежност и одговорност на ЈП Комунална хигиена - Скопје. Во 10-те единици на Локалната самоуправа кои се дел од Градот Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, создава пунктови за секоја општина засебно, велат од Општина Чаир.

И Општина Кисела Вода во однос на бројот на корпите за отпад на нивна територија немаат точни податоци околу ова прашање. Тие информираат дека минатата година поставени се околу 30 парчиња, а оваа година околу 60-тина корпи, коишто, како што се велат, тековно подлежат на замена или репарација и постојано одржување. 

Харис Сулејман

Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан