• петок, 17 мај 2024

Охрид со низа манифестации и настани го чествува патрониот празник „Свети Климент Охридски'“

Охрид со низа манифестации и настани го чествува патрониот празник „Свети Климент Охридски'“

Охрид, 7 декември 2023 (МИА) – Охрид и оваа година со низа манифестации, свечености и настани го одбележува патрониот празник на градот – Денот на Свети Климент Охридски.

Чествувањата започнаа пред два дена со промоција на книгата „Oхрид и охридско 1918-1929“ од проф. Михаил Патчев, за синоќа во Општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ да биде поставена ученичка изложба, а беа доделени и наградите на најдобрите литературни и ликовни творби. Учениците од Општинското музичко училиште „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето одржаа свечен концерт, а во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше одржана и свечената приредба на основното училиште „Св. Климент Охридски“.

Прославувањето на патрониот празник продолжуваат и денеска, со отворањето на изложбата на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“, во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија. Од 19 часот во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“, по повод Јубилејот 25 години од формирањето. Од 19:30 часот во големата сала на центарот ќе се одржи централниот настан по повод патрониот празник - Свечената академија на која ќе бидат врачени и највисоките општински награди и признанија.

За утре агендата предвидува поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во 11 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на светителот во ООУ „Свети Климент Охридски“, а напладне ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад.

Програмата предвидува и врачување награди на најдобрите поетски творби на конкурсот по повод Патронот на Охрид. Годинешните презнувања ќе бидат заокружени со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на охридскиот режисер Илија Пиперскоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 19 часот. аб/дма/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан