• петок, 05 декември 2025

Охрид го чествува 11 Октомври - Денот на народното востание

Охрид го чествува 11 Октомври  - Денот на народното востание

Охрид, 10 октомври 2025 (МИА) - Со свечена седница одржана денеска во Големата сала на Општина Охрид почнаа свеченостите за одбележување на Денот на народното востание во Втората светска војна - 11 Октомври.

Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој потсети дека Народноослободителната борба претставува симбол на непокорот, достоинството и вековната борба за мир и правдина.

- Преку пожртвуваноста на нашите херои се изгради темелот на македонската државност иидентитет. Револуционерната борба на македонскиот народ е доказ дека слободата не се подарува, таа се заслужува преку единство, визија и храброст. 11 Октомври е жива меморија, таа ја претставува свесноста и сплотеноста на една генерација која избрала да не молчи, со решителност поголема од стравот и со силна идеја, посветла од темината на ропството, рече тој.

Пецаков уште истакна дека Охрид и Дебрца дале многу храбри луѓе за слободата што ја живееме денес. Тоа не се само имиња на споменици, туку наши претци, роднини, соседи и пријатели чии животи се вткаени во слободна Македонија.

- Нивната жртва е темелот врз кои е изградена напата држава. Денес ја имаме честа да им оддадеме достојна почит, и не само со зборови туку со ветување дека нивната борба нема да биде заборавена и оти ќе го чуваме нивното големо дело како аманет за идните поколенија. Слободата која ја имаме денес не е само привилегија туку наша одговорност, па затоа треба да ја вреднуваме со знаење, љубов и решителност, да продолжиме да бидеме свои на своето и горди на се што е македонско, рече Пецаков.

Свое обраќање имаше и претседателот на ОО на Сојуз на борци на Охрид и Дебрц, Гоце Георгиевски, кој посочи дека 11 октомври 1941 година претставува продолжение на нашите револуционерни и слободарски традиции,изразени на сите претходни борби и востанија за ослободување и создавање македонска држава.

- НОБ во Македонија имаше масовен карактер, се случи народот да биде војска, а војската да биде народот.Така од првите партизански одреди израсна војска што ја ослободи Македонија и ја избори првата слободна македонска држава...На првото заседание на АСНОМ се случи вториот слободарски Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода, рече кој потсети дека на тој пат паднаа преку 24 илјади борци и околу седум и пол илјади жртви на фашистичкиот терор.

На собирот беше потсетено дека благодарение на пожртвуваноста на храбрите борци сега живееме во слободна и македонска држава, сон на многу генерации.

- Историјата ја почитуваме, но идната ја градиме. Останова наша одговорноста генерации да не се дозволи нивните жртви да станат залудни, рече тој.

Чествувањата на празникот во Охрид продолжуваат и утре, со положување цвеќе пред спомен – обележјата од НОБ во Градскиот парк, пред зградата на Основен суд Охрид, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и на градските гробишта. аб/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан