• петок, 22 ноември 2024

Официјален претставник на ЕУ информира дека АстраЗенека ги намалува испораките на вакцини

Официјален претставник на ЕУ информира дека АстраЗенека ги намалува испораките на вакцини
Брисел, 23 февруари 2021 (МИА) – Компанијата АстраЗенека ја известила Европската унија дека ќе достави помалку од 90 милиони дози од вакцината против коронавирус на Унијата во вториот квартал, јавија светските агенции повикувајќи се на неименуван претставник на ЕУ. Според дипломатот од ЕУ, кој директно учествувал во преговорите со британско-шведскиот производител на лекови, тоа значи дека АстраЗенека ќе испорача помалку од половина од бројот на договорени вакцини на ЕУ во вториот квартал. Според договорот на АстраЗенека со ЕУ, кој протече во јавност минатата недела, компанијата се обврзала да испорача 180 милиони дози на Унијата во вториот квартал. Доколку се намалат дозите на вакцините, тоа може да влијае на способноста на ЕУ да ја постигне целта за вакцинирање на 70 проценти од возрасните до лето. Дипломатот на ЕУ, кој барал да остане анонимен, потврди дека АстраЗенека планира да испорача околу 40 милиони дози во првиот квартал, што е повторно помалку од половина од 90 милиони дози што требаше да ги испорача. Портпарол на компанијата изјави дека се надеваат оти ќе можат подобро да ги усогласат испораките со авансниот договор за набавка на вакцини. Претставници на Европската комисија, која ги координира преговорите со производителите на вакцините, одбија да ги коментираат информациите. јт/

Остани поврзан