• петок, 27 декември 2024

Откриена мистериозна ДНК која асимилира гени од различни организми

Откриена мистериозна ДНК која асимилира гени од различни организми
Лос Анџелес, 27 јули 2021 (МИА) - Во Калифорнија се откриени мистериозни синџири на ДНК коишто наводно асимилираат гени од многу други, различни организми во нивната околина. Научниците го нарекоа овој елемент „Борг“, според цивилизацијата од американската серија „Ѕвездени патеки“, која ги асимилира другите технолошки напредни општества. Откривањето на овие „Борги“ може да помогне во сознанијата околу еволуцијата на микроорганизмите, нивните односи во рамки на екосистемите и нивната улога во животната средина, пренесуваат медиумите. Микробиологот Џил Бенфилд од Универзитетот во Беркли верува дека „Боргот“ е поголемо и од откритието на КРИСПР-технологијата за модификација на геномите. „Откривме нешто мистериозно коешто, како и КРИСПР, е поврзано со геномите на микробите“, напиша Бенфилд на Твитер. Таа ги нашла првите „Борги“ во калта во нејзиниот двор. Во соработка со генетичарот Басем Ал-Шаејб од Универзитетот во Беркли, работеле на проект за наоѓање вируси кои напаѓаат аноксични микроби познати како археи, кои живеат во мочурлива средина. Тие случајно пронашле ДНК-структура која се состои од скоро милион базни двојки. По подробна анализа, откриле дека повеќе од половина од гените се нови, дека структурата има огледална низа на крајот од секоја жичка и покажува можност за самостојно копирање. Шокирани, научниците почнале да ги анализираат базите на податоци на ДНК-та за да проверат дали може да најдат некоја слична структура. Тие идентификуваа 19 секвенци коишто, се чини, одговараат на профилот. Сè уште не е јасно кои се точно ДНК-структурите, но тие припаѓаат на класа нареченА екстрахромозомски елементи (ЕЦЕ), кои можат да се најдат надвор од хромозомот, кој содржи поголем дел од генетскиот материјал на организмот. ЕЦЕ се огромни, саморепликативни и можат да се најдат внатре или надвор од клеточните јадра. Примерите вклучуваат плазмиди и вирусна ДНК. „Не можеме да докажеме дека тие се археални вируси, плазмиди или мини-хромозоми, ниту пак, можеме да докажеме дека не се“, се вели во научното истражување „Борговите се џиновски екстрахромозомски елементи со потенцијал да ја зголемат оксидацијата на метанот“ (Borgs are giant extrachromosomal elements with the potential to augment methane oxidation), објавено во „Биоархив“. Ако „Боргите“ се реални и не се резултат на загадување, тие можат да ја зголемат способноста на метанопедерените да го оксидираат метанот. Ова би значело дека сѐ ова, за науката, е досега непознат процес и дека овие ЕЦЕ можеби играат досега непозната улога во регулирањето на атмосферата.  си/

Тагови

Остани поврзан