• вторник, 05 ноември 2024

Отец Сашко Николовски: Христос да не воскреснеше, верата наша ќе беше празна

Отец Сашко Николовски: Христос да не воскреснеше, верата наша ќе беше празна
Скопје, 1 мај 2021 (МИА) - Најголем меѓу сите празници, празник над празниците. Велигден е значaен во христијанската религија, бидејќи на овој ден верниците го прославуваат најважниот настан во историјата на човештвото - Воскресението Христово. - Воскресението Христово како по својата големина, така и по своето значење е од голема важност, затоа што Христос ако не воскреснеше празна ќе беше проповедта на сите апостоли, но празна ќе беше и верата наша, вели отец Сашко во разговор за МИА.   Велигденските празници се богати со обичаи и традиции, една од најважните е вапцуањето црвени јајца. За симболиката на јајцето и на црвената боја, отец Сашко за МИА вели дека црвената боја е симбол на победата, бидејќи Исус ја победил смртта, додека пак јајцето претставува симбол на воскресението, затоа што од јајцето изникнува животот. - Обичаите најмногу влечат корен од самото време на апостолите. На пример, посебен обичај е вапцувањето на црвени јајца, јајцето кое е симбол на воскресението, зошто од јајцето изникнува животот и тоа уште  Евреите го применувале како еден подарок што обично го подарувале посиромашните кон другите луѓе како почит, благодарност за нешто. Така оној момент кога Марија Магдалена отишла во Рим и на царот Тибериј му подарила јајце и му рекла Христос Воскресе, тој обичај од тогаш е застапен кај сите христијани. А црвената боја е симболика на победата, Исус ја победи смртта го победи злото го победи гревот ни даде живот вечен преку воскресението и исто така на самата крв пролеана на Господа. Токму затоа и јајца се вапцуваат на Велики четврток, затоа што тоа е денот кога е основањето на светата тајна вечера кога Господ преку виното и лебот ни ја дава светата причест и вели кој не го јаде моето тело и кој не ја пие мојата крв нема да има живот вечен, изајви Отец Сашко. Тој додаде дека шарените јајца немаат значење, но дека сепак претставуваат, начин на одбележување на празникот, кој остава длабоки траги особено кај младите, а тоа според него помага за зајакнување на верата. - Симболиката е претежно во црвените јајца, самата икона на Исус Христос која ја сликаме, ја сликаме неговата црвена боја и плава боја значи неговата божја и човечка природа, токму затоа и црвената боја исто така не потсетува на сите страданија на Господ, бидејќи Христос страдал за нас, пролеал крв за да ги откупи не неговите туку нашите гревови затоа што бог е безгрешен, истакна отецот за МИА. Велигденскиот пост е особено значаен. Тој трае 48 дена, од Прочка до Велигден. А се нарекува Четириесетница, затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална седмица. Особено се значајни последните три дена и тоа Велики четврток, кога Исус бил фатен по Тајната вечера, Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, починал и бил погребан и Велика сабота кој е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците. - Христос рекол во една прилика дека ѓаволскиот род се истерува само со пости и молитви. Постот и молитвата се како две крила кои не водат кон Бога, телесниот пост треба да не поттикне што повеќе кон духовниот, телесниот пост треба да ја поттикне глатта наша за Христа, постот како што е за телото, така и за душата. Кога постиме телесно откажувајќи се од храна според можностите и според тоа какви се правилата, тогаш треба да почнеме и да постиме духовно откажувајќи се од сите наши страсти, наши пороци, гревови и тоа е целта на постот, не е целта да го умртви телото, туку да го умртви гревот кој што се наоѓа во телото, вели отец Сашко. Минатата година храмовите беа празни, меѓутоа оваа година ќе биде поразлично, христијаните ќе може да се помолат и да запалат свеќа во црквите. Сепак, посетите на храмовите ќе бидат регулирани со посебни мерки и протоколи особено во Соборниот храм каде што ќе биде централната богослужба. - Мерките ќе постојат веќе ни се кажани, и се подготвуваме особено околу Соборниот храм каде што ќе биде централната богослужба, ќе поставиме луѓе кои што ќе бидат редари, ќе гледаме дури да набавиме и маски за оние кои што немаат, но луѓето кои доаѓаат во црквата си ги знаат правилата едноставно самите си стојат на растојание, и кога приоѓаат на причест прават ред. Наша цел е што поприбрано да се пристапи кон овие богослужби, а оние кои се болни нели нормално да си седат дома. Јас се надевам дека Господ ќе интервенира кон сето ова и верувам дека тоа ќе биде многу брзо, бидејќи ако допушта некое зло го допушта заради наше оправување, бидејќи тој знае секое зло да го изведе кон добро, наше е да бидеме трезверни, изјави отецот. Тој заклучи дека ова се моменти кога треба да размислиме што сме направиле и до каде сме заминале, да го поправиме односот со останатите луѓе, посебно со нашите блиски луѓе, бидејќи како што вели отецот, Господ сака помеѓу луѓето да царува љубовта, а не злото. - Ова се денови кога се случила најстрашната драма во времето на Христа кога ние луѓето го предадовме Бога и го распнавме, но тој ни покажа колку не сака, дека повторно се грижи за сите нас, она со што можеме да му вратиме е да дојдеме на богослужби да се помолиме како за себе така за сите наши блиски пријатели и да правиме добри дела, Среќни Празници на сите, порача за крај отец Сашко. https://youtu.be/4oAoEhcId2o Симона Србиноска Видео: Андреј Бранковиќ

Остани поврзан