• четврток, 26 март 2026

Отворен Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

Отворен Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

Скопје, 22 септември 2025 (МИА) - Со лични анегдоти и силни пораки за литературата, синоќа во Даут-пашиниот амам свечено е отворено 13. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. На отворањето беа претставени шестемина писатели, драматурзи и есеисти од Балканот и земјава, меѓу кои годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, словенечкиот автор Евалд Флисар – еден од најпреведуваните писатели од регионот.

Годинашната фестивалска програма ја сочинуваат автори чии дела се преведени на бројни јазици, но и длабоко вкоренети во своите култури. Покрај Флисар, гости се и српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели Јана Бауер и домашни претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови.

На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски и Александар Прокопиев и писателот Владимир Јанковски, а вечерта ја обележаа личните и литературни сведоштва на гостите, кои говореа за смислата на пишувањето, границите на човечкото искуство и улогата на литературата во денешниот свет.

Флисар зборуваше за повеќеслојноста на личноста и за тоа како неговите ликови се вистински кога содржат повеќе аспекти на човекот. Интересен беше и неговиот осврт на бројката 13, која постојано се повторува во неговиот живот – од датумите на важни настани, преку неговата свадба, до оваа, тринаесетта, награда „Прозарт“. Според него, тоа е доказ дека бројот не носи несреќа, туку напротив – е негова лична среќна бројка.

- Интересни случки се случуваат со моите драми и можам за тоа да раскажувам до утре сабајле. Една од драмите што зборуваат за минатото и сегашноста е „Тристан и Изолда“. Ако не ја напишев таа драма најверојатно немаше ни да ја добијам 13-та награда „Прозарт“, рече Флисар. рп/дма/

Фото: ПРО-ЗА Балкан

 

Остани поврзан