Отворен ден на средните училишта во Штип
- Во Дом на млади Штип денеска беа презентирани струките и можностите кои ги нудат средните училишта во Штип, со цел да привлечат поголем број на средношколци. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека со промените кои се прават постојано се работи да се образуваат млади кадри, кои ќе ги задоволат барањата на пазарот на трудот.
Штип, 30 мај 2025 (МИА) - Во Дом на млади Штип денеска беа презентирани струките и можностите кои ги нудат средните училишта во Штип, со цел да привлечат поголем број на средношколци. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека со промените кои се прават постојано се работи да се образуваат млади кадри, кои ќе ги задоволат барањата на пазарот на трудот.
-Посакувам и оваа година да има една успешна презентација и основците да го продолжат своето образование во средните училишта во нашиот град, затоа што се нуди квалитетно образование и едукација. Најчесто инженерите, металопреработувачите се оние сектoри кои се дефицитарни. Верувам дека со промените кои се случуваат во наставната програма дека ќе се задоволат потребите на пазарот, на стопанството, на индустријата, на бизинс секторот. Затоа ми е драго што се прилагодуваат програмите во средните училишта, изјави Јорданов.
Директорката на Средното општинско училиште „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева, вели дека нудат нови струки, практична настава во комапниите, дуално образование преку која учениците ќе добија соодветно образование и можност за вработување.

-Нашите ученици добиваат квалитетна практична настава во компаниите, а пак компаниите имаат можност своите кадри да ги образуваат согласно своите потреби и да најдат начини да ги задржат во своите организации, вели Шалева.
Директорката на СОУ „Јане Сандански“, Марија Николиќ, изјави дека воведуваат нов профил, а тоа е техничар за козметичка нега и убавина кој припаѓа во групата на лични услуги.
-Запишуваме 25 ученици, секако, тука приоритет даваме на нашите постоечки профили, вели Николиќ.
Денешниот настан беше задоволителен и за самите ученици, деветоодделенците кои треба да одлучат каде ќе го продолжат своето средно образование, согласно она што ги привлекува и што сакаат да завршат.
Секое средно училиште имаше свој штанд преку кој беа презентирани дел од опремата, начинот на работа, условите и можностите кои ги нудат за самите ученици.вдј/ар
Фото:МИА