• четврток, 19 декември 2024

Отворен „Астерфест“, доделена наградата за животно дело на Каталин Ладик

Отворен „Астерфест“, доделена наградата за животно дело на Каталин Ладик

Струмица, 4 август 2023 (МИА) - Вечерва во Струмица беше отворено 18-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, кое се одржува под мотото „ Со нови искуства“.

На лауреатот за животно дело Каталин Ладик признанието и го врачи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој го прогласи Фестивалот за отворен.

-Филмската магија во Струмица се уште трае, а нејзиното главно обележје е Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој годинава, на задоволство на љубителите на филмската уметност, го доживува своето 18-то издание. Да имаше фестивалов човечки особености, тогаш вечерва ќе ја славевме неговата полнолетност, а во овие пет фестивалски денови „Астерфест“ ќе го полагаше својот испит на зрелоста. Но, по заслуга на „главниот виновник“ Горан Тренчовски, зрелоста на фестивалов е веќе докажана, а ние сме сведоци како истиот, од година во година, таа зрелост ја потврдува се повеќе и повеќе, рече Костадинов.

Каталин Ладик е филмска и театарска актерка, писателка, една од најистакнатите, најплодните и најнаградувани претставнички на алтернативната изведувачка уметност во поранешна Југославија и во Унгарија и една од највлијателните европски уметнички во последните децении. Кариерата ја започнала во 1963 година, кога дебитира на радиото и во театарот. Истата година ја проширува својата актерскa активност и на филмот и на телевизијата. Досега има одиграно многу значајни улоги во филмови од современи режисери, како Лордан Зафрановиќ, Карољ Вичек, Миклош Јанчо, Зоран Маширевиќ, Андраш Рајнаи и други.

-Во Југославија почнав да се дружам со разни уметници, како и со македонски уметници. Често бев во Македонија и како поетеса на Струшките вечери на поезијата, бев тука и како перформерка, имав перформанси тука во Македонија, а и на ликовен начин бев присутна тука, иако се уште не сум имала изложба. Имав многу добри врски со разни уметници од тука, рече Ладик.

Основачот на Фестивалот и уметнички директор, Горан Тренчовски, истакна дека е посебно возбуден кога гледа исполнето гледалиште.

-Срцето ми е полно кога гледам полн аудиториум со причина за нашиот и вашиот Астерфест, филмски фестивал кој го почнавме 2005 година со поддршка на една многу мала, но моќна, значајна и ентузијастичка група на филмски автори и двигатели на филмската уметност. Нема поголемо задоволство да се гледаат прекрасни филмови, автори кои ветуваат, кои се веќе докажани и кои ќе се докажуваат, рече Тренчовски.

Во овогодишната програмска селекција има дваесет и три исклучителни кратки играни филмови, документарци и анимации кои ќе се натпреваруваат за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“ и за неколкуте други награди.

Официјалното стручно жири го сочинуваат: Гоце Ристовски, Дрита М. Фазлија и Мили Чумиќ.

Фестивалот е финансиски поддржан од Општина Струмица и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан