• понеделник, 23 декември 2024

Отворен Фестивалот на камерен театар “Ристо Шишков“

Отворен Фестивалот на камерен театар “Ристо Шишков“
Струмица, 9 септември 2022 (МИА) - Завесата на 30-то, јубилејно, издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој традиционално почнува на Денот на незевисноста, синоќа ја кренаа актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со претставата „Глембаеви“, варијација на драмата на Мирослав Крлежа во режија и адаптација на Бранко Брезовац. Годинашното фестивалско издание почна со изложба на фотографии од досегашните 29 лауерати, а за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. - За атер на бардот на македонското глумиште, уште пред три децении, токму на денешен ден, група ентузијасти и културни работници ја востановија одлуката за организирање фестивал на камерен театар кој ќе го носи неговото име, а ќе биде посветен исклучиво на актерот. Така и се случи. Веќе следната година во Струмица се случи првото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој со текот на времето прерасна и во меѓународен. И така, година по година, стасавме до овогодинешното јубилејно 30-то издание на овој фестивал, убава причина да бидеме радосни и горди, рече Костадинов. Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од зладен медалјон со ликот на Шишков и парична награда од 1.500 евра, се триесетина актери. Жирото ќе го предводи ланската лауретка, актерката Ѕвездана Ангеловска, која досега два пати ја има добиено престижната награда и актерите Нико Горшиќ и Петар Арсовски. -Актерската игра мора да се оцени во моментот кога се одигрува претставата,  бидејќи секоја изведба во театрската уметност е различна. Постојат принципи како се оценуваат креациите, но секогаш е тешко без разлика колку вие имате искуство како жири, сепак комплексна е задачата. Но, полека се ќе се издвојуваат улогите, бидејќи ова е фестивал на актерот и се доделува само една награда, рече Ангеловска. Вечер програмата продолжува со претставите „Анатомија на неверството“ во продукција на Театарот Комедија од Скопје од Валентин Красногоров, во режија на Александра Кардалевска и „Четири еполети“ од Хакиф Мулиќи во изведба на Градскиот театар „Мухарем Ќена“ од Митровица, Косово.   Фестивалот се одржува во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица. рт/сст/      

Остани поврзан