• сабота, 23 ноември 2024

Отворени гласачките места за предвремените парламентарни избори во Ерменија

Отворени гласачките места за предвремените парламентарни избори во Ерменија
Ереван, 20 јуни 2021 (МИА) - Повеќе од 2.000 избирачки места на предвремените избори за Националното собрание на Ерменија беа отворени во 08:00 часот во целата земја. Гласањето ќе заврши во 22:00 часот, пренесува ТАСС. Меѓу 25-те политички партии и блокови кои учествуваат на изборите, според направените анкети, фаворити се партијата Граѓански договор, предводена од актуелниот премиер Никол Пашињан и блокот „Ерменија“, предводен од вториот претседател на земјата, Роберт Кочаријан. Прагот за влез во Парламентот може да го мине и блокот на третиот претседател Серж Саркисјан и поранешниот шеф на Службата за национална безбедност Артур Ванетсијан „Ја имам честа“, како и две парламентарни опозициски партии - „Просперитетна Ерменија“, чиј постојан лидер е еден од најбогатите луѓе во земјата, Гагик Царукијан и „Просветлена Ерменија“ на Едмон Марукијан. На изборите учествува и првиот претседател на републиката, Левон Тер-Петросијан, на чело на партијата Ерменски национален конгрес. За да влезе во парламентот, партија мора да добие најмалку пет отсто од гласовите, а блок седум проценти од гласовите. Повеќе од 2,5 милиони луѓе ќе можат да гласаат. Електронско гласање се одржа од 11 до 13 јуни, на кое учествуваа 650 лица - вработени во дипломатско-конзуларните претставништва на Ерменија, членови на нивните семејства, како и војници на долги мисии или обуки во странство. Според ерменскиот закон, другите граѓани на републиката што живеат во странство не можат да гласаат затоа што ерменската дијаспора е преголема. Податоците за електронското гласање ќе бидат објавени заедно со главните по сумирање на резултатите. јт/

Остани поврзан