• недела, 22 декември 2024

Отворена првата „Фабрика за учење“ на Машинскиот факултет - Скопје

Отворена првата „Фабрика за учење“ на Машинскиот факултет - Скопје
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Во рамки на активностите на проектот „Learn4SMEs - Learning Factory for Improving Digital Competitiveness and Industry 4.0 Readiness of SMEs in the Balkans“ овозможен од Европскиот институт за иновации и технологија (EIT Manufacturing) и кофинансиран од Европската Комисија на Машинскиот Факултет во Скопје се одржа работилница на тема „Подготвеност на малите и средните претпријатија (МСП) за индустрија 4.0 и паметна специјализација“. Како што информира Машинскиот факултет во Скопје, домаќин и организатор на работилницата беше партнерот во проектот - Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО), а лица одговорни за организацијата на настанот беа професорите Бојан Јованоски и Роберт Миновски и м-р Александар Аргиловски. - Главната цел на овој проект е оформување на првата „Фабрика за учење“ (Learning Factory) во земјава, по примерот на голем број европски земји кои веќе неколку години наназад го практикуваат овој концепт на образование, тренинг и истражување. Фабриката за учење на Машинскиот Факултет во Скопје се фокусира на технологиите на индустрија 4.0 и производната филозофија Lean, се вели во соопштението. Во моментов лабораторијата се состои од рачна и паметна Poka Yoke станица за монтажа без грешки, но наскоро се очекува сите планирани производни модули на фабриката за учење да пристигнат и таа да биде комплетирана. Целосниот систем се состои од паметна Poka Yoke станица за монтажа без грешки, работно место, транспортер, камера за 2D машинска визија, робот и складиште. -Целта на ваквата поставеност е да се симулира реална производна линија, а притоа преку низа на експерименти со опремата, да се решаваат проблеми од областа на индустриско инженерство и менаџмент, поточно Lean менаџмент, планирање и управување на производството, системи за мерење на учинокот, моделирање и симулација на деловните процеси, системи за менаџмент на квалитетот и слично, стои во соопштението. Покрај информативната сесија за целите на проектот и идејата за „Фабриката за учење“, одржани беа и низа тренинзи на тема „Lean Manufacturing 4.0“ на платформата www.skillsmove.eu, која е во функција на проектите на Европската Комисија. Прикажан беше и практичен пример со користење на дидактичката опрема набавена за време на проектот – паметна Poka Yoke станица за избегнување на грешките при монтажата на производите. Дел од учесниците имаа шанса да ја извршат монтажата на рачната и на паметната станица за монтажа, притоа преку направените мерења, прикажани беа подобрувањата и придобивките кои ги нудат концептите на Lean и Индустрија 4.0 во производството. Од Машинскиот факултет - Скопје наведуваат дека идејата е оваа „Фабрика за учење“ да расте во идниот период и да стане препознатлив центар за дигитализација и Lean во земјава. Информираат дека добредојдени се сите заинтересирани компании кои сакаат да го насочат развојот на нивните бизниси и вработени во насока на дигитална трансформација преку технологиите на Индустрија 4.0 и оптимизација на производството потпомогната од Lean. Покрај овој проект, презентирани беа целите и придобивките од научно-истражувачкиот проект DigiTS-ME, кој исто така е дел од соработката на Машинскиот Факултет во Скопје (УКИМ) и Техничкиот универзитет – Виена, а финансиран од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и OAED. Овој проект се фокусира на анализирање и евалуација на методологии за испитување на подготвеноста на македонските компании за дигитална трансформација. Вклучени се над 30 организации од земјава, а проектот трае до крајот на 2023 година. Во текот на двата дена, како што се наведува, присуствуваа повеќе од 60 вработени од над 30 различни компании. Покрај Цирко, проектниот конзорциум го сочинуваат три организации - Техничкиот универзитет од Виена, Австрија и Festo Lernzentrum од Германија. Во проектот како партнери од индустријата вклучени се шест локални претпријатија (Раде Кончар ТЕП, Смелт-инг, Фитофарм Плус, Кратер, Wabtec MZT и Нипромтекс) како и два универзитети од соседните земји и тоа Факултетот за технички науки во Нови Сад, Србија и Техничкиот универзитет во Софија, Бугарија. мд/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан