• недела, 22 декември 2024

Отворена биенална изложба од ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски" 

Отворена биенална изложба од ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски
Крива Паланка, 6 октомври 2020 (МИА) - Во галеријата на Градски музеј Крива Паланка вечерва беше отворена биенална изложба на делата создадени на последните две изданија на Интернационалната ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски".
Изложбата ја отвори директорот на ЛУ Градски музеј, Драган Величковски, кој рече дека ликовната колонија прерасна во институција, а изложбата што ја отвораат е прва во музејот во 2020 година поради пандемијата.
-Оваа е 34-та година од постоењето на колонијата и на изложбата вечерва симболично се поставени 34 дела од  14 автори, од последните две изданија на манифестацијата. Во услови кога човештвото е паднато на колена, оваа година колонијата е демонстрација на исконскиот човечки порив низ духовноста, творештвото и уметноста да се отворат нови хоризонти на надеж за надминување на ова зло. Благодарам на сите учесници кои годинава се одѕваа да учествуваат на колонијата. Наш успех е што сите здрави се вратија дома, за вечерва дел од нив да се повторно со нас, изјави Јордан Михајловски, координатор на Меѓународната ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски“.
Во изминатите 34 години на колонијата се создадени над 600 уметнички дела.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека општината давала и ќе дава поддршка на оваа колонија која, покрај создадените дела што се трајна вредност на уметноста и културата на Крива Паланка и државата, претставува и интернациоална промоција на општината  бидејќи гостуваат уметници од сите континенти.
Изложбата е увертира во годинашното чествување на празникот на градот, 76 години од ослободувањето на Крива Паланка, кое ќе се спроведе во тридневна програма. ид/хс/

Остани поврзан