• четврток, 15 јануари 2026

Отворена археолошка изложба на камени споменици „Memento vivere“

Отворена археолошка изложба на камени споменици „Memento vivere“

Велес, 26 декември 2025  (МИА) – Народниот музеј  синоќа  во Ликовниот салон во Велес свечено ја отвори  археолошката изложба на камени споменици „Memento vivere“ на која е претставен само дел од нивната богата збирка со околу 100 камени споменици.

Анита Василкова-Мидоска, кустос, советник археолог од оваа установа е авторка на изложбата на која преку археолошки предмети и фотографии се презентирани најзначајните примероци од оваа збирка што соджи архитектонски елементи, релјефи и камена пластика. 

 Василкова-Мидоска информираше дека нивната археолошка зборка изобилува со камени споменици кои опфаќаат широк регион на Повардарието - од Велес па се до гевгелиско-валандовско-дојранскиот простор.

-Ова не е случајно затоа што во своето формирање нашата институција била околиски Музеј под чијашто надлежност било целото Повардарие. Токму затоа оваа збирка претставува рефлексија на културните текови и трендови во минатото на една од најфреквентните патеки на промени, настани и историски моменти.  Таа може да се разгледува и низ призмата на уметноста, но и низ призмата на епиграфските сведоштва кои откриваат цели светови на фамилијарни врски, професии, верувања и традиции, појасни Василкова-Мидоска.

Посочи  дека од  мноштвото имиња кои се среќаваат на спомениците, голем дел од нив се т.н. епихорски имиња карактеристични за овој регион кои со себе ја носат традицијата на пајонското и македонското кралство.

Како што рече авторката, преку уметничкиот израз и преку епиграфските сведоштва може да се открие и светот на римските освојувачи и нивната тенденција за наметнување на уметничките трендови, па дури и употребата на латинските имиња.

Василкова-Мидоска и нејзините колеги на збирката  работеле од 2017 година, преку процесите на заштита, реставрација и конзервација. Соопшти дека  следната година ќе биде публикувана монографија во која стручно и научно ќе биде презентирана целокупната збирка.

Изложбата со археолошката збирка ќе биде отворена за посетителите на Ликовниот салон во Велес  во текот на јануари и февруари 2026 година. ЛУ Народен музеј соопшти дека таа е и увертира на големиот јубилеј - 80 години музејска дејност во Велес. ад/хс/

Фото: МИА 

Остани поврзан