• понеделник, 23 декември 2024

Отворање самостојна изложба на Албан Муја во МСУ – Скопје

Отворање самостојна изложба на Албан Муја во МСУ – Скопје

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер ќе биде отворена самостојната изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на Албан Муја. Куратор на поставката е Владимир Јанчевски.

Албан Муја (1980, Република Косово) создава видео инсталации, филмови, цртежи, слики, фотографии и јавни уметнички дела под влијание на тековните процеси на општествена, политичка и економска трансформација во неговото родно Косово и на Балканот. Преку својата пракса ја истражува историјата и општествено-политичките теми, поврзувајќи ги со неговата моментална позиција во Косово.

Изложбата на Албан Муја во МСУ-Скопје прикажува избор од неговите дела во периодот од 2016 до 2023 година. Замислена како обид за поврзување на комплементарни дела, кои ја прикажуваат и критички ја опсервираат споделената состојба и нашите заедничка засегнатост преку границите, изложбата е фокусирана на секојдневието и на искуството на ситуација на принудна транзиција и продолжена неизвесност.

Муја има прикажано дела и идеи на различни самостојни и групни изложби, вклучително и филмски фестивали и Павилјонот на Република Косово на 58-то Венециско биенале. На Павилјонот, тој ја претстави триканалната видео-инсталација наречена „Семеен албум“ која навлегува во личните и колективните сеќавања на Косовската војна (1998-1999) и ја доведува во прашање улогата што сликите и медиумите ја играат во конструирањето и обликувањето на наративот, идентитетот и историјата во време на конфликт.

Албан Муја и е познат на македонската јавност, бидејќи во последната деценија тој учествуваше во неколку значајни изложби, меѓу кои и неговата прва самостојна изложба „Именување“ во 2014 година, курирана од Владимир Јанчевски (SIA - Агенција за сериозни интереси, Скопје), како и меѓународната групна изложба „Сè што ни заедничко“ во 2018 година, курирана од Јованка Попова и Мира Гаќина (МСУ-Скопје).

Изложбата е поддржана од пријателите на музејот „Тиквеш“ и „Хајнекен“ и ќе биде отворена до 28 август 2024 година. дма/нд/

Фото: МСУ – Скопје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан