• вторник, 09 декември 2025

Отворање на „YES ФЕСТИВАЛ есен/зима“ со промоција на роман на Драгана Лукан Николоски

Отворање на „YES ФЕСТИВАЛ есен/зима“ со промоција на роман на Драгана Лукан Николоски

Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Со промоција на првиот роман на драмската писателка Драгана Лукан Николоски „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ во бистрото „Комедија“ утре официјално се отвора „YES ФЕСТИВАЛ – издание есен/зима“. На промоцијата ќе има снимени извадоци од книгата, прочитани од актерите Никола Ристановски, Тина Трпкоска и Жаклина Петровска, по што ќе следи музичкиот избор на Илина Ангеловска.
 
Фестивалот во организација на издавачката куќа „Чудна шума“ се одржува по петти пат, а од мај годинава програмата е проширена за сите возрасти и за различни читателски публики.  Од 20 до 26 ноември, на повеќе локации низ Скопје, ќе можат да се проследат неколку книжевни настани и промоции, гостувања на европски авторки, читачки клубови, разговори и креативни работилници за деца...
 
- Во ова издание на „YES ФЕСТИВАЛ“, кое се одржува во помал обем од пролетното, ставаме фокус на три авторки и особено сме горди што целиот фестивал е фокусиран на женските авторки: македонската писателка, драмска писателка и сценаристка Драгана Лукан Николоски, шведската авторка, илустраторка и уметница Ана Хоглунд и хрватската илустраторка Ванда Чижмек. Фестивалот е повторно поделен на два дела: „програма за млади и возрасни“, односно вечерна програма и детска програма, што се покажа како добра практика со претходното издание на фестивалот во месец мај, кога имавме вечерна програма во кафе-книжарницата „Буква“, велат од „Чудна шума“.
 
Вечерната програма продолжува на 22 ноември, в сабота, во 19 часот во кафе-бар „Долап“, каде ќе се одржи промоција на графичкиот роман за млади „Да се биде јас“ на наградуваната шведска авторка, илустраторка, уметница и феминистка Ана Хоглунд. Разговорот со авторката ќе го води Лени Фрчкоска, фокусирајќи се на темите, мотивите и симболите во книгата „Да се биде јас“.
 
Последниот вечерен настан ќе се случи на 26 ноември во 19 часот, со официјалното отворање на галеријата „Чудна шума“ (која се наоѓа веднаш до кафе-книжарницата „Чудна шума“). На настанот промотивно ќе бидат претставени и новите изданија на „Чудна шума“, графичките романи „Вечната мува“ од Георги Господинов и Никола Тороманов, „Адна“ од Самира Кентриќ, „Теа. Дневник“ од Криста Унцнер и „Тивка војна“ од младиот македонски автор Методија Стојановски.
 
- Во рамки на фестивалот е предвидена богата програма за деца, со читачки и креативни работилници во повеќе библиотеки – објекти на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, кои ни пружаат огромна поддршка нашите изданија за деца, значајни и наградувани книжевни дела на европски автори, да стигнат до што поголем број деца. Со нивна помош организираме читачки и креативни работилници за книгите од проектот „Млади европски приказни“ – кој го заокружуваме годинава, а на три работилници ќе присуствува и гостинката на фестивалот, хрватската илустраторка Ванда Чижмек, изјави Билјана Црвенковска, уредничка во „Чудна шума“ и организатор на фестивалот.
 
Како што посочи, в петок, на 21 ноември, во рамки на читачките клубови што ги организира „Чудна шума“ во соработка со „Мама ми чита“ ќе се одржи читање и креативна работилница со хрватската илустраторка Ванда Чижмек за книгите „Фати ми го синото мече“ и „Кики, ние те сакаме!“ во одделот за детска литература во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Гостувањето на авторките Ванда Чижмек и Ана Хоглунд, како и проектот „Млади европски приказни“, се поддржани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.вј/са/

Фото: Плакат

Остани поврзан