• четврток, 12 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Отворање на изложбата „аСиметрија“ на Гордана Јаневска

Отворање на изложбата „аСиметрија“ на Гордана Јаневска

Скопје, 7 април 2025 (МИА) - Во Галеријата „Метаноја“ во Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „аСиметрија“ на Гордана Јаневска. Изложбата ќе биде отворена до 12 април. 

-Самиот наслов „аСиметрија“ си поигрува со поимот и ја посочува намерата на уметникот. Дискрепанцијата во распоредот во зборот кој почнува со мала буква за втората да биде голема е знак дека насликаната асиметрија уште повеќе го нагласува феноменот на симетријата. Острите агли и преклопувачките асиметрични форми создаваат илузија на повеќекратна перспектива. Фрагментацијата на лицата кон чија хармонија тежнее окото го „вади од колосек“ набљудувачот и го прави свесен за нешто на што симетријата не би го поттикнала. Преку различните геометриски перспективи набљудувачкиот субјект добива увид во повеќеслојноста на секој „идентитет“. Свесните личности не може да се сведат на монолитна дефиниција, туку во секој миг се мултиреферентни, вели рецензентот д-р Коста Милков. 

Гордана Јаневска, македонска сликарка, родена 1966 година, во Штип, живее во Скопје. По завршувањето на гимназијата во Штип, студира на Технолошко-техничкиот факултет во Белград, дипломирала на Педагошката Виша школа во Штип, а потоа и на Педагошкиот факултет. Во периодот од 2006 година работела со деца, а сега како актуелен директор во основно училиште во Скопје.

Во 2013 година продолжува со Постдипломските студии во Скопје и се здобива со звање Магистер по политички науки и дипломатија. Се занимава со научна и хуманитарна работа, објавува книги. Преку својата работа активно учествува во бројни истражувачки активности за промоција на Република Македонија за одржување на традицијата и фолклорот. Освен што е посветена на науката, учењето и читањето, таа сака едноставни работи, вклучително и сликарството, за кое вели дека е најдобриот начин на изразување, како и одраз на реалноста, гледано од нејзина гледна точка - го црта светот како што го гледа и самата го доживува. Сликарството отсекогаш било љубов и страст. Уште во средно училиште црта со академскиот сликар Кирил Ефремов. Има освоено многу награди и пофалници низ презентирање во светот. сст/дма/

Фото: Галерија „Метаноја“

 

Остани поврзан