• понеделник, 23 декември 2024

Отворање изложба „Пресоздавање“ на Слободан Милошески

Отворање изложба „Пресоздавање“ на Слободан Милошески
Скопје, 25 мај 2022 (МИА) - Во Уметничка галерија Безистен - Штип денеска ќе биде отворена изложбата „Пресоздавање“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени со примена на техника на заварување на метал. Штипската публика изложбата ќе може да ја посети до 31 мај. Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“. Досега има реализирано 27 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 80 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година, Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ во 2021 година. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои скулптури на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет во Скопје. Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. рп/дма/

Остани поврзан