• сабота, 21 декември 2024

Остин му порача на Зеленски: „Мора да се одржи зборот на Америка“

Остин му порача на Зеленски: „Мора да се одржи зборот на Америка“

Вашингтон, 11 декември 2023 (МИА) – Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја потврди посветеноста на неговата земја да ја поддржи Украина во одбраната од руската инвазија за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон, пренесе ДПА.

- Ние сме решени да му покажеме на светот дека Америка нема да попушти во одбраната на слободата, рече Остин во говор на воен универзитет.

Во услови кога во американскиот Конгрес има расправии околу доделување поголема воена помош, Остин предупреди: „Американските обврски мора да се почитуваат, безбедноста на Америка мора да се брани и да се одржи зборот на Америка“.

Зеленски рече дека рускиот претседател Владимир Путин не само што се бори против Украина, туку е насочен кон слободна и обединета Европа.

- Тој не само што ги уништува животите на луѓето во украинските градови, неговата вистинска цел се демократијата и слободата, рече тој.

- Тој ја шири оваа идеологија, бара сојузници дури и овде во Америка. Неговото оружје против вас во моментов е пропаганда и дезинформации, рече Зеленски.

Тој додаде дека Украина нема да се откаже од одбраната. „Знаеме што да правиме. И можете да сметате на Украина и се надеваме исто толку дека ќе можеме да сметаме на вас.

- Кога слободниот свет се двоуми, тогаш слават диктатурите, предупреди Зеленски.

Зеленски утре ќе биде примен од американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, а исто така планира да се сретне со членовите на Конгресот, вклучително и со претседателот на републиканскиот дом Мајк Џонсон.

Ова е трета посета на Зеленски на Вашингтон од почетокот на руската инвазија на Украина. јт/

Фото: Х

Остани поврзан