• вторник, 12 ноември 2024

Остатоци од бродот на капетанот Кук најдени во САД

Остатоци од бродот на капетанот Кук најдени во САД
Канбера, 3 февруари 2022 (МИА) - Австралија објави дека во пристаништето „Њупорт“ во САД истражувачите ги идентификувале и утврдиле остатоците од бродот „Ендевор“, со кој капетанот Џејмс Кук (1728 - 1779) го обиколувал Тихиот Океан. Кевин Самптон, директор на Австралискиот национален поморски музеј, го објави ова денеска. Тој рече дека местото на потонатиот брод „конечно е идентификувано по 22 години потрага“ и ова е едно од најголемите откритија во поморската историја на Австралија. - Ова е последната станица на еден од најважните бродови во австралиската историја и сега се откриени последните подробности за оваа историска мистерија. Врз основа на архивските податоци и археолошките наоди, убеден сум дека токму ова е откритието што го баравме. Ова е важен историски миг, бидејќи овој брод одигра важна улога не само во историјата на Австралија, туку и на Нов Зеланд, Велика Британија и САД, изјави Самптон. Во мај 2018 година, истражувањата на дното на пристаништето „Њупорт“ во Род Ајленд, откри „потенцијално место за подводни ископувања“, а три месеци подоцна археолозите заклучија дека најверојатно станува збор за познатиот брод на капетан Кук, бидејќи лабораториските тестови, историските податоци и сознанијата на нуркачите даваат убедлив доказ дека се работи за „Ендевор“. Џејмс Кук направил три патувања во Тихиот Океан, откривајќи ги Хаваите и други острови, и беше првиот што пловел околу Австралија. Со „Ендевор“ тој, меѓу другото, открил и дека Нов Зеланд е составен од два посебни поголеми острови разделени со теснец што подоцна бил именуван по името на Кук.  си/сд/

Остани поврзан