• петок, 05 декември 2025

Осомничениот за напад во џамија во Франција и се предал на полицијата во Италија

Осомничениот за напад во џамија во Франција и се предал на полицијата во Италија

Париз, 28 април 2025 (МИА) – Мажот осомничен за убиство на муслимански верник во џамија на југот на Франција и се предал на полицијата во Италија, соопштија денеска локалните власти.

Француската полиција почна потрага по осомничениот по нападот кој се случи во петокот во поранешниот рударски град Ла Гранд Комб.

Напаѓачот, според извештаите на локалните медиуми, го снимил нападот со мобилен телефон, а безбедносните камери регистрирале дека притоа извикувал навреди на сметка на Господ.

Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека осомничениот се предал на полицијата во Италија, не изнесувајќи повеќе детали, јави Франс 24.

Локалниот обвинител Абделкарим Грини изјави дека истражителите ја разгледуваат можноста да станува збор за исламофобичен чин: „Тоа е првата хипотеза на која работиме, но не е единствена“, кажа тој.

Според обвинителот, осомничениот е роден во 2004 година во Франција, живеел во тоа подрачје и претходно немал криминално досие.

- На расизмот и омразата заснована на вера никогаш нема да им биде место во Франција, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, нагласувајќи дека верската слобода е неповредлива.

Големата џамија во Париз го осуди нападот и соопшти дека жртвата, младо момче кое француските медиуми го идентификуваа само како Абубакар, штотуку завршил со чистење на џамијата кога бил убиен.

Во знак на поддршка на жртвата, вчера во Ла Гранд Комб се одржа марш, додека во Париз беше организиран собир против злосторства од омраза кон муслиманите. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан