• недела, 22 декември 2024

Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти

Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти

Скопје, 17 април 2024 (МИА) - Основната каматна стапка останува на ниво од 6,30 проценти. Според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но сепак ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики што влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. 

Како што информираше денеска Народната банка, понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се на нивоа од 4,20 проценти и 4,25 проценти.

- И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, истакнуваат од Централната банка.

Оттаму посочуваат дека во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носење на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика бил ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии.

- Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4 проценти на годишно ниво (3 проценти во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата, се наведува во соопштението.

Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесувало 4.287,1 милион евра, што, според Народната банка, е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Трговскиот дефицит во првите два месеца од годинава, според последните расположливи податоци од надворешниот сектор, е малку повисок од очекувањата со октомврискиот циклус проекции, а остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година и за целата година, како што посочува Народната банка, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното.

Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март годинава, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата, а од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал. бак/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан