Осмомартовска животна приказна на Братислав Димитров: Љубовта е негде другде
- На левиот ревер Марта имаше мартинка кој почна да потскокнува. Одеднаш побеле како крин. Црното костимче само уште повеќе ги осенчи уморните црти на нејзиното лице. Личеше на графиката од Едвард Монк, со многу повеќе крикови. Се загледа во Мијалче како во својата младост и осети длабока болка на едно место кое баба ѝ го нарекуваше „лажичка“. Срцето и се стркала на тротоарот, но Марта не се помрдна од местото, затоа што одамна престана да ги користи неговите услуги. Според легендата, таа далечна пролет ноќта го истурила својот најцрн катран насекаде, но белото лице на Марта останало недопрено.
Скопје, 8 март 2026, (МИА)
Братислав ДИМИТРОВ
Тоа утро прв пат после дваесет години, Мајк не стана точно во седум часот. Лежеше оптегнат во својот кревет како македонски пратеник во Собрание, доколку немате ништо против метафори. И додека надвор зимата ги зариваше своите остри заби во вратот на магличавиот Оукланд, Мајк не знаеше како да продолжи со својот живот. Триесет минути доцнење на Балканот се смета за непотребно брзање. Ама тука во Нов Зеланд, тоа е првиот симптом за консултација со психолог, социјален работник а подоцна и со адвокат.
Сите брзаат и никој нема време. А најмалку за да си го плеткаат јазикот со неговото „инпосибл нејм“, Мијалче. Среќа што во Нов Зеланд има повеќе овци отколку луѓе. Помалку ќе објаснува за своето име и државата од која доаѓа. Не е лесно да се објасни. А што да прави? Направи план: ништо да не прави. Само зјапаше низ прозорецот во една модринка со дупка, која овдешниве поети ја нарекуваа небо. И кога госпоѓата ноќ чукна на неговата врата, се соочи со едно парталаво чергиче познато под терминот реалност.
Кога спомените нагрнаа од сите страни а фикусот во ќошот му се виде пожив од него, Мијалче се расплака. Липаше како дете кому ја скршиле единствената играчка. Како да беше вчера, а не беше. Уште во осмолетка се заљуби во Марта на прв, втор и секој друг поглед. И обратно. Во сите споменари, Марта му посветуваше љубовни песни. А Мијалче го истетовира нејзиниот лик на градите и срце прободено со стрела. Беше 8 март (цутар) 1968 година. Откако Мијалче обрсти неколку дворови, застана како покретна цвеќара под балконот на Марта и гласно ја повика. Одговорот стигна брзо. Излезе татко ѝ со една кофа вода и го направи утоп!
Мијалче прегоре два фена додека се исуши, во буквална и симболична смисла. Ама не се налути од практични причини. Кога е лут тепа кој и да е, ама сега прв пат се воздржа. Зависи од точката на гледање. Во тоа сиромашно време, ново се купуваше само кога се мора. Тој ден го доби првото палто и вторите кондури од својот постар брат. Некој на ова се радува, а друг пцуе сè живо и диво дека не се родил пред својот брат. А кофа со ладна вода е вистинско освежување, по тоа вруќините во Скопје. Богами.
Таа вечер во „Арапска“ (хотел „Јадран“) се думаше, дали да го нарача проклетиот помфрит за своето зелено грч ладно пиво или да ги чува парите за кино и пуканки? Тогаш реши да избега далеку од масата на која седеше. Тргна од старо „Тафталиџе“ и стигна во Нов Зеланд. Најдалечна точка на светот, сметано од неговата маса со чаршав во црвено-бели коцки. На истата маса седеше и Марта, со своите осумнаесет години, „цицана хаљина“ и насмевка со вкус на ванила.
Во тогашната наша држава Југославија имаше „рестрикција на електричната енергија“. Просто кажано, немаше струја. Тогаш најмногу се купуваа транзистори на батери и се зголеми наталитетот. Од тогаш датира и народната поговорка: „Љубовта е за сиромасите“. После дојде капитализмот и „љубовта“ стана многу скапа, да ми извините на израз. Мијалче беше електричар и во држава каде што често снемува струја се осеќаше како рибар во пустината Гоби, заедно со Сахара. Пред да оди џенем на печалба, тој и Марта решија да се венчаат, ама увидоа дека е зафатено. Дома Мијалче живееше со мајка, татко, брат, снаа, две внучиња и баба. Сепак беа среќно семејство. Најсреќен беше тој што прв ќе успее да влета во тоалетот! А домазет не стана и заради поговорката: „Жена ќе те моча, а ти ќе викаш роси“.
Дворовите беа полни со небо и птици. Душите со надеж за подобро утре. Дојде и тоа утре. Какво беше? Мијалче можеше да издржи без сè, ама без Марта никако. Под хитно се врати во Скопје после три бескрајни години. И денес е 8 март и повторно се на истата маса. Овој пат нарача помфрит. И успеа да ѝ го даде букетот цвеќе, без присуство на кофа со вода и нервозен родител. Тишината се потроши. Откако успеа да земе малку воздух, Марта со глас на глуварче конечно праша:
„Зошто ме викна?“ „Дојдов да те носам во Нов Зеланд“. „Што ќе правам таму?“ „Ќе ми бидеш жена“. „Што е тоа? Некоја професија или хоби?“ „Види. Знам дека е смешно. Ама не ми е до смеење“. „Има ли таму писма, разгледници и дописници?“ „Сакав да те изненадам“. „Знаеш ли колку те чекав? Ги извезов гоблените „Тајната вечера“, „Коњи на поило“, а уште малку ми остана од “Ифигенија“. Излегоа од кафаната.
Мијалче беше распнат, помеѓу голема сиромаштија и голема љубов. Мајка му ја чекаше тешка и скапа операција. Брат му го отпуштија од работа. Снаата беше трудна со трето бебе. Татко му падна од дудинка и никого не распознаваше, освен шишето со ракија. Комшиите тврдеа дека било обратно. Како и да е, што и да е, големата секирација го врати во Нов Зеланд. Работеше како црнец во тунел. Постојано и во две смени.
И еве, после дваесет години повторно се на истата маса. И повторно е 8 март. Ѝ подари букет цвеќе како од платната на Реноар, Дега и Сезан. Ѝ подари и дијамантски прстен, со блесок на нејзините тиркизни очи. Нарача и од незаборавниот помфрит. Порцијата беше со димензии кои ја ослободија кујната од какви било активности со компир, во наредните денови. Не очекуваше да ја сретне истата Марта која ја остави онаа далечна пролет. Но тоа што го виде сега, беше првиот нож што се зари длабоко во неговата слабина. „Како си?“, ја праша со глас на копиљ кој прв пат е на забар. „Не се жалам“, одговори Марта со воздишка на син сомот. Махинално ја подигна ролката за да ги покрие трите предавнички фалти на вратот.
„Одлично изгледаш“, беше вториот обид да ѝ се доближи барем малку поблиску. Марта ги раздвижи усните во правец кој имаше најискрена намера да биде топла насмевка. Но тоа што го виде Мијалче, не беше топло а уште помалку насмевка. Годините сурово ја вежбале својата строгост врз прекрасната Марта, некогаш сопственичка на најубавата насмевка во овој дел од светот. Мијалче очајнички бара некое стабилно место, на кое ќе може да се потпре. И кога сфати дека воздухот е најцврст, се откажа. Пополека тонеа во бунар од тишина додека наоколу се разлеваа звуците на „Ноќите во бел сатен...“
На левиот ревер Марта имаше мартинка кој почна да потскокнува. Одеднаш побеле како крин. Црното костимче само уште повеќе ги осенчи уморните црти на нејзиното лице. Личеше на графиката од Едвард Монк, со многу повеќе крикови. Се загледа во Мијалче како во својата младост и осети длабока болка на едно место кое баба ѝ го нарекуваше „лажичка“. Срцето и се стркала на тротоарот, но Марта не се помрдна од местото, затоа што одамна престана да ги користи неговите услуги. Според легендата, таа далечна пролет ноќта го истурила својот најцрн катран насекаде, но белото лице на Марта останало недопрено.
Мијалче секој 8 Март ѝ носеше букет на Марта и нешто шепкаше над црната и ладна земја. Дојде и денот кога се раздели со својата душа. Главата му падна на мермерниот споменик, и толку. Денес е 8 Март (цутар) 2026 година. Чудата постојат. При најмало ветре, неговите шепотења го продолжуваат околните брези, липи, јавори, чемпреси... и небесни птици.
Сите други се зафатени. Со војни и трачеви. /дј