• вторник, 24 февруари 2026

Османи по Самитот Брдо-Бриони Ние сме за регионална соработка, но ќе го заштитиме нашиот национален интерес

Османи по Самитот Брдо-Бриони Ние сме за регионална соработка, но ќе го заштитиме нашиот национален интерес

Тирана, 6 октомври 2025 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи денеска по Самитот на процесот Брдо-Бриони во Голем, кај Драч, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ се обратил на Самитот, на кој присуствувале и претседателите на земјите од регионот, со навреди и ароганција, обидувајќи се да го наруши состанокот, но на крајот успеале едногласно да ја усвојат заедничката изјава.

Според Османи, српскиот претседател се пожалил и на сојузот што Косово, Албанија и Хрватска го потпишаа во областа на одбраната оваа година, но кој добил одговор дека оваа соработка е насочена само кон одбраната на трите земји.

Покрај тоа, Османи подвлече дека Косово е за регионална соработка, но во исто време сака да го заштити својот државен интерес, суверенитет и територијален интегритет.

- Како Косово, ние сме за регионална соработка, но во исто време ќе го заштитиме нашиот државен интерес, ќе го заштитиме нашиот суверенитет и територијален интегритет. Иако Вучиќ имаше забелешки за нашиот пакт и заедничкиот договор меѓу Косово, Албанија и Хрватска, во областа на одбраната, тој доби наша заедничка потврда дека ова означува соработка насочена кон нашата одбрана. Мојот одговор беше дека во целата историја на нашето постоење како нација, никогаш не сме нападнале или окупирале никого, но секогаш сме се бранеле и ќе продолжиме да се браниме. Нашите сојузи се одбранбени сојузи за да нè заштитат од опасностите што ни доаѓаат од другите. Во нашиот конкретен случај, опасноста доаѓа од Србија, нагласи Османи.

Од друга страна, претседателката Османи ја критикуваше Европска Унија поради неуспехот да се отстранат казнените мерки, како и неуспехот да се разгледа барањето на Косово за членство во ЕУ. Таа рече дека земјите-членки на ЕУ не го темелат процесот на интеграција врз основа на заслуги, туку врз основа на политички агенди.

Албанската телевизија „Ора њуз“ пренесе дел од изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

- Замислете кога Вјоса Османи ќе дојде и ќе зборува за територијален интегритет и заштита на територијалниот интегритет. И потоа стомакот ви се превртува наопаку, а сите други слушаат, тресејќи ги главите… Па, ја потсетивме на нејзините туристички денови во Обединети нации, ѝ посакавме повеќе туризам во животот и тоа е тоа, рече Вучиќ. вт/ми/

Остани поврзан