• понеделник, 23 декември 2024

Османи - Вархеји: Финансиски пакет од ЕК за регионот од милијарда евра за енергетската криза

Османи - Вархеји: Финансиски пакет од ЕК за регионот од милијарда евра за енергетската криза
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Новиот Извештај на Европската комисија, скринингот, обврските кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер и справувањето со енергетската криза, биле теми на денешната средба на шефот на диполоматијата Бујар Османи со комесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји  во Берлин на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес.

Како што соопшти МНР, на средбата министерот Османи го поздрави неодамна објавениот Извештај на ЕК за Северна Македонија, со кој се признава генерално добриот реформски напредок на земјата, особено во областите опфатени со фундаменталниот кластер и во поглавјето за Надворешна безбедносна и одбранбена политика, каде што сме оценети со највисока оценка „многу добар напредок“, пред се, со оглед на 100-процентното придружување кон позициите на ЕУ во рамки на нејзината надворешна политика.

-Министерот го информира еврокомесарот за одвивањето на скрининг процесот, како прва и особено значајна фаза во процесот на преговорите со ЕУ, како и за посветеноста на Северна Македонија за навремено заокружување на истиот во ноември идната година, при тоа фокусирајќи се на внатрешните обврски кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер, се наведува во соопштението.

Османи, се додава, изрази благодарност за работата на Европската комисија во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион. Во овој контекст, од страна на Вархеји беше најавен финансиски пакет за регионот, во износ од 1 милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза. вг/лв/

Остани поврзан