• понеделник, 25 ноември 2024

Османи: Апсолутно нема дилеми во стабилноста на парламентарното мнозинство

Османи: Апсолутно нема дилеми во стабилноста на парламентарното мнозинство
Скопје, 3 ноември 2021 (МИА) - Сите членки на владината коалиција на координативната средба кај премиерот Зоран Заев во понеделникот потврдија дека силно го поддржуваат сегашното парламентарно мнозинство и Влада и не се подготвени да поддржат друго, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. - Секој потврди дека силно го поддржува ова парламентарно мнозинство и оваа Влада и на ниеден начин не се подготвени да поддржат друго парламентарно мнозинство и оваа се потврди таму на средбата. Имаше дилеми, доколку има промена, доколку премиерот се повлече и дојде некој друг, но за ова парламентарно мнозинство немаше апсолутно дилема, изјави Османи при синоќешното гостување на Алсат-М. Тој нагласи дека смета оти нема да има предвремени избори, додавајќи дека ниту граѓаните, ниту државата имаат потреба од нешто такво. - Треба прво да ги завршиме овие предизвици во кои се наоѓаме, па потоа може да зборуваме за политички натпревар. На евентуални, хипотетички избори, било да се тие предвремени или редовни, граѓаните ќе одлучат кој ќе ги застапува, додаде Османи. Според него, најавената оставка на премиерот постави нов етички стандард во политика, што има рефлексија и во регионот. - Но, мислам дека не е момент за поставување на стандарди и етика. Имаме пореални проблеми со посериозни последици од етаблирање на етички стандарди. Ја ценам и почитувам одлуката, но не момент за таква одлука. Тоа е нашиот став, но и како министер за надворешни работи го делам ставот на МНР дека државата има потреба од предвидливост и стабилност, особено следните месеци, истакна Османи. Шефот на дипломатијата потенцира дека најважно од се се потребите од граѓаните и државата. - Државата и граѓаните имаат потреба од стабилност и предвидливост. Моментално тоа е најважно, бидејќи сме пред предизвици и многу можности, било предизвици поради кризата со пандемијата, енергетиката или можноста која се нуди со почетокот на преговори во декември и тоа мислам дека ни наметнува предвидливост, особено сега, следните месеци. Овие се аргументите зашто мислиме дека најавата на премиерот беше избрзана. Се работи за поголеми интереси на државата, кои ги надминуваат и личните емоции нај кого било, додаде Османи. Тој потенцира дека актуелната Влада е формирана врз основа на политички договор направен пред една година и било непотребно, избрзано и погрешно, како што рече, претворањето на локалните избори во референдум. Според него, во моментов е потребна рационалност и издигнување над емоциите и лични ставови, бидејќи некои одлуки може да ја донесат судбината на сите граѓани под знак прашалник. - Премиерот има одговорност за договорот постигнат со коалициските партнери и треба да останеме доследни на тој договор. Тоа што мислам дека ги интересира граѓаните е кој е интересот на државата и нивниот интерес за тоа дали треба да имаме дестабилизација во Владата во услови кога е јасно дека опозицијата не е подготвена, а ниту ги има бројките, ниту има политичка волја за да го преземе управувањето во услови на криза. Не може секој да се носи со овие кризи и важни можности, но и во услови кога алтернативата на премиерот Заев е несигурна. Мислам дека во моментот нема друга личност која толку брзо ќе може да создаде единство, било внатрепартиско, било внатре во коалицијата. Тоа што може да се направи е премиерот да го започне процесот на избори внатре во партијата и тогаш ако евентуално биде избран некој друг претседател, тогаш може да ја преземе и премиерската функција. Но, ние треба да ги одвоиме овие одговорности, партиската за која ние не сме овластени да коментираме и таа во Владата која е заеднички интерес и треба да видиме дали ова и е потребно на државата, заклучи Османи. Тој оценува дека на државата особено не и треба дестабилизација во пресрет на Самитот на ЕУ во декември и можниот старт на преговорите со ЕУ. - Никој не може да биде сигурен дека ќе има решение во декември. Но, дека нема да има решение ако се дестабилизира Владата без сигурна алтернатива, тоа е сигурно. Ние во декември имаме прозорец со можности, мислиме имаме такви сигнали и предуслови дека можеме да најдеме решение за да ја одржиме првата меѓувладина конференција (со ЕУ) и треба да го искористиме овој момент. Ако тоа не се случи во декември, сигурно дека Албанија ќе се обиде да се одвои од пакетот, што ќе има други последици за нас, бидејќи ќе се создаде лажна перспектива дека европскиот процес продолжува, а Северна Македонија ќе остане изолирана и поледиците ќе ги чувствуваме сите нас. Затоа реков, во овие моменти ваквите решенија не треба да се одраз на лични емоции, додаде Османи. сп/са/

Остани поврзан